| четврток, 6 декември 2018 |

Се подготвува исплата на ланските субвенции за тутунот

тутун

Процедурата и постапката за исплата на субвенциите за тутунарите за реколтата од минатата година  е почната и сите земјоделци што предале тутун ќе ги добијат во целост, информира заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски одговараќи на пратеничко прашање.

– Сите тутунари, во согласност со предадените количини, бидејќи субвенцијата за тутунот се одредува врз основа на предаден тутун, ќе бидат исплатени согласно предвидениот износ односно по 1 евро во денарска противредност за килограм предаден тутун – рече Костадиновски.

Додаде дека сите земјоделци што предале тутун од реколтата 2014 година, ќе бидат исплатени во согласност со законот во целост.

Пратениците се интересираа за начинот како да се реши проблемот со нередовната исплата на средствата од продажбата на автобуските карти кон автобуските превозници.

– Во новите измени на законот за превоз во патниот сообраќај кои веќе се доставени во Собранието, ставивме одредба дека во рок од 10 дена по фактурирање од страна на превозниците до автобуските станици, тие се должни да ги исплатат средствата – рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Доколку автобуските станици не ги почитуваат овие рокови, се поднесува претставка до инспекторатот и неплаќањето на фактурите на време е основ за одземање на лиценца на таа автобуска станица.

– Се работи за една ригорозна казна и очекувам дека автобуските станици ќе ги почитуваат овие рокови – рече Јанакиески.

Парламентарците се интересираа и за санација на локални патишта, изградба на спортски сали и социјални станови во градовите, за спроведување на рамномерен регионален развој, регистарот на медицинска опрема… На поголемиот дел од нив тие ќе добијат писмен одговор од министерствата или од Владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top