Барањето на работодавците за укинување на К-15 е апсолутно неприфатлива, смета Синдикатот за градежништво. Чудно е, велат оттаму, да не се исплаќа толку ниска ставка што, од друга страна, е голем стимул за работникот и, воедно, негово право.
Работодавците, пак, се подготовени за преговори со Сојузот на синдикатите. Предлагаат – поголемите компании, кои можат, да продолжат со исплата на К-15 или да даваат дури и поголеми износи, а да се најде компромис за помалите, кои имаат финансиски проблеми.
Според работодавците, најголем проблем да исплаќаат К-15 имаат компаниите од трудоинтензивните гранки, текстилната, кожарската и дрвната индустрија (преработка на мебел), како и дел од градежните фирми, каде платите се најниски и работниците работат на норми.
– Чудно е да се најави укинување на К-15 ако се земе предвид дека тоа е многу мала ставка за исплата, а голем стимул за работниците кој би овозможил барем еден член од нивното семејство да види што е годишен одмор. Воедно, ако велиме дека одиме кон Европската унија, мора да ги утврдиме стандардите. Западниот свет го стимулира работникот, му дава верска, 13. плата – изјави денеска претседателот на Синдикатот за градежништво Павел Трендафилов, одговорајќи на новинарски прашања пред почетокот на тркалезна маса во рамки на проектот „Даноци, неформална економија и корупција на земјите од Западен Балкан“.
Според Ангел Димитров, од Организација на работодавци, постигната е начелна согласност, преговорите за измените на општиот колективен договор за приватниот сектор во стопанството да почнат веднаш по претстојниот конгрес на ССМ.
– Тоа не значи дека ќе го укинеме К-15 зашто тоа е еден вид компромис на нелогичните одредби што беа влезени во општиот колективен договор од 2007 година. Тогаш правото на К-15 и на надомест за годишен одмор беше регулирано во Општиот колективен договор, но не беше даден износ и предизвикуваше проблеми во имплементацијата особено кај помалите компании и оние што имаат проблем со финансиската стабилност. Затоа пред една година одлучивме да ги одвоиме овие да надоместока, правото на К-15 да се утврди во Општиот колективен договор, додека правото за годишен надомест да оставиме да биде одлука на работодавачите – дали ќе сакаат да го исплатат или не – објасни Димитров.
Според него, нелогично е фирмата да земе кредит и да отиде во стечај заради исплата на К-15.
– Има сектори кои во своите грански колективни договори утврдија, висината на надоместокот за годишен одмор да биде многу повисок од 40 проценти. Тоа се добри компании. Има и такви кои ваквиот надомест го исплаќаат без проблеми и со задоволство зашто на него плаќаат само персонален данок, а не и придонеси, како и компании кои едвај исплаќаат плата, а треба да исплаќаат и надомест за годишен одмор – подвлече Димитров.
Утрешниот протест на ССМ и другите синдикати по повод празникот на трудот, 1 Мај, претседателот на Синдикатот за градежништво го гледа како можност да се укаже на клучните работи – првпат во Македонија, како што рече, да се каже стоп на вработувањето на определно време и на колективниот договор да се пристапува суштински зашто тој секогаш утврдува поголеми права од утврдените со закон.
– Синдикатите што постојат во Македонија и водат социјален дијалог секогаш треба да се борат за повеќе од она што законодавецот го утврдил со закон – порача Трендафилов.
За Димитров, пак, утрешниот протест е само симболика. – Воопшто не гледам некаква револуција во протестот што го најавија синдикатите. Овој празник е за тоа – напомена Димитров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.