| четврток, 6 декември 2018 |

Милановиќ: Хрватска на прагот на излез од рецесијата

милан

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ денеска изјави дека тешката економска ситуација се уште не е сосема зад најмладата членка на Европската унија, но нагласи дека „одговорната владина политика“ почнува да дава мерливи позитивни резултати и дека државата е на прагот на излез од долгогодишната рецесија.

Во првомајската честитка до граѓаните премиерот наведе дека оваа година првпат со право може да каже дека политиката на која Владата опстоила „без разлика на критиките и неразбирањето“, Хрватска ја довела до сега веќе стабилниот и долгорочно одржлив раст на индустриското производство, извозот и потрошувачката.

– Токму тоа се показателите врз основа на кои мораме да го градиме економскиот развој и подобриот живот за хрватските граѓани, истакна Милановиќ во соопштението на владината Служба за односи со јавноста – пренесува Хина.

Хрватскиот премиер, исто така, во соопштението вели дека е задоволен од правецот по кој Хрватска оди, а тоа е – „напред“.

Милановиќ нагласува дека им е благодарен на граѓаните кои покажаа трпеливост и подготвеност на економски откажувања и додаде дека годините кои следат ќе покажат дека тоа не беше залудно, дека граѓаните ќе имаат долгорочна корист од таквата политика на Владата, а државата, што смета дека е најважно, ќе стане економски стабилна земја.

Премиерот на крајот од својата првомајска порака истакна дека е свесен дека укажаната доверба и трпение од луѓето може да се оправда единствено со нови работни места, вработување на младите и зголемување на животниот стандарда на сите граѓани.

-Тоа се, гарантирам, клучните цели на мојата Влада во оваа последна година од мандатот, но и составен дел од нашата политичка идеја за Хрватска која оди напред – порача Милановиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top