Во Македонија нема човек што не ја знае песната „Т’га за југ“. Песната на Константин Миладинов кај секого од нас предизвикува спомен на славните браќа од Струга. Тие заедно со Прличев, Шапкарев и со Жинзифов се носители на македонската преродба во 19 век. Тоа што за Франција е Иго, за Русија Гогољ – за Македонија се браќата Миладиновци. По повод одбележувањето на 200 години од раѓањето на Димитар Миладинов, спомен-плочи во знак на сеќавање на овие дејци беа поставени во Истанбул, Москва и во Загреб.
– Треба уште да се трага. Струга има дејци како покоен Петар Чакар, кој ја откри фотографијата на мајката на браќата, Султана, родум од Магарево – Битолско. Но, сѐ уште не се расветлени деталите за нивниот живот во Москва, Истанбул… – вели Разме Кумабароски.
Според нивниот потомок, Ристе Миладинов, кој е четврто колено од машката лоза на Димитар Миладинов, тие се многу позначајни како македонски преродбеници кои отвораат училишта на сопствениот јазик и култура отколку на поетско поле.
На местото на поранешната семејна куќа на славните браќа во родната Струга е изградена спомен-куќа, која Завод и музеј Охрид комплетно ја санираше и адаптираше. Репрезентативниот објект личи на автентичната струшка и македонска староградска архитектура.
– Поради несоодветно одржување, објектот имаше одредени оштетувања на покривот, на таваните од првиот кат и, генерално, на целиот објект. Со проектот кој го изработивме во текот на 2010 година, се констатираа сите оштетувања, се направи проект како тие треба да бидат санирани и на кој начин ќе се адаптира објектот со оглед на новата функција што ќе ја добие. Зградата ја користеа „Струшките вечери на поезијата“, но сега веќе ја користи и музејот – вели доктор Никола Незлобински од Струга.
– Објектот функционално е поделен на овие две институции, дел за изложбен простор, каде што се изложени мозаични површини подигнати од археолошки локалитети, а во дел е вратена поставката што и порано постоела во него за браќата Миладиновци – вели архитектката Тања Паскали-Бунташеска, директорка на Завод и музеј Охрид.
Таа објаснува дека со овој приоритетен зафат се сочувани ликот на старата куќа на Миладиновци од 19 век, која изгорела во пожар, и препознатливиот стил на објектот – ѕидан во камен, со дрвени еркери и богат ентериер со дрвени тавани и резба.
Во 2011 година беа одбележани 150 години од излегувањето на златната книга на македонската преродба. Станува збор за Зборникот на Миладиновци, за кој пошироката јавност знае дека песните ги собрале Димитрија и Константин, но помал број знаат дека во зборникот своја значајна улога имал и братот Наум. Треба да се нагласи дека тие се основоположници на сѐ што се вика култура, се разбира тука најприсутна е литературата, но во првата верзија на зборникот биле содржани и нотните записи на Наум Миладинов, а тоа значи дел кој, за жал, отпаднал. Тоа нѐ наведува да размислуваме дека ова знаменито семејство имало удел и во музиката и во сценските уметности. Значи, тие биле не само основоположници, туку и инспиратори на современите македонски творци, велат поетите.
Славните браќа, интелектуалците Миладиновци, во времето на Отоманската империја и туѓите пропаганди против Македонците имале интернационално образование и просветителска кариера. Нивните коски, најверојатно, почиваат во водите на Босфор. Како основачи на македонската национална преродба биле поттик и за светскиот поетски фестивал во Струга, „Струшките вечери на поезијата“, кој традиционално се отвора секоја година со Константиновата антологиска песна „Т’га за југ“, која има 70 препеви на околу 50 јазици.
Спомен-куќата на Миладиновци има свечена сала и изложба на дела од добитниците на „Златен венец“ во изминатите пет децении. Во куќата е изложен и оригинален мозаик од 50 квадратни метри, кој потекнува од ранохристијанска базилика пронајдена во струшкото село Октиси.
– Значењето на Миладиновци за македонската национална културна историја и традиција е капитално. Тие со своето богато извонредно творештво, кое ѝ го оставија во наследство на Струга и на Република Македонија, гласно ги истакнаа начелата и важноста на националната борба за самобитност, ги презентираа посебностите на македонскиот народ, неговата култура, традиција и историја. По децении запуштеност, спомен-куќата на браќата Миладиновци, објект препознатлив по автентичната староградска архитектура, конечно го доби својот вистински лик. Ја обновивме внатрешноста која е со богат ентериер и резба, со максимално запазување на сите значајни архитектонски карактеристики на објектот – смета министерката Елизабета Канческа-Милевска.
За академик Матеја Матевски, пак, пријатно е чувството и уште подлабока е возбудата да се биде пред обновениот дом на големите струшки браќа кои беа поттик и во чиешто сеќавање почнаа „Струшките вечери на поезијата“.
– Поголема и повозвишена инспирација за оваа наша манифестација не би можела да се замисли – смета Матевски, кој е и прв добитник на наградата на СВП „Браќа Миладиновци“ во 1963 година.
Спомен-куќата се наоѓа во Струшката чаршија и е реконструирана со средства од Министерството за култура. Се простира на 470 квадратни метри кои опфаќаат: приземје, сутерен и кат. Во објектот целосно се сменети дрвенаријата и внатрешниот ентериер, а ставени се нов под и паркет. Просторот е облагороден со рачно изработен мебел во стилот од втората половина на 19 век, но и со автентичниот мебел, експонати од семејната куќа на Миладиновци и оригинални документи и факсимили.
Музејот на Струга таму има постојана поставка за животот и делото на Димитар и на Константин. Според директорот на струшкиот музеј, Сашо Цветковски, темелното обновување на куќата на струшките браќа се случува во исклучително значаен период.
– Комплетно се сменети целата дрвенарија и внатрешниот ентериер, а ставени се и нов под и паркет. Претходно објектот беше во исклучително лоша состојба. Со реафирмација на оваа спомен-куќа се отвори можност за постојано чествување на животот и делото на браќата Миладиновци. Со самото отворање и пристапноста на домот им овозможуваме на сите заинтересирани да доаѓаат и да се запознаваат со нивното дело – појаснува Цветковски.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 138. број на неделникот „Република“, 24.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.