Депозитите на штедачите во двете домашни деловни банки со доминантен грчки капитал се сигурни – уверуваат од Народната банка на Македонија, од каде што додаваат дека парите на штедачите во Алфа банка и во Стопанска банка се исто толку сигурни колку и депозитите на штедачите во другите банки во Република Македонија. Овие банки располагаат со соодветно ниво на капитал, кој не може да биде повлечен од матичната банка во случај на потреба, објаснуваат од НБРМ. Реакцијата на македонската централна банка доаѓа откако германската новинска агенција ДПА и грчкиот весник „Катимерини“ наголемо пишуваа дека соседите на Грција ќе ги стават во карантин сите филијали на грчки банки за да ја намалат на минимум опасноста на сопствените банкарски системи доколку пропаднат преговорите меѓу Атина и кредиторите. Овие медиуми известуваат дека централните банки на Македонија, Албанија, Бугарија, Кипар, Романија, Србија и Турција им наложиле на грчките филијали да не тргуваат со грчки хартии од вредност, заеми и државни обврзници.
Од Народна банка велат дека во изминатиов период НБМ не забележала никакви неповолни или невообичаени промени, кои би можеле да бидат загрижувачки.
– Во Република Македонија двете банки со грчки капитал се подружници, а не филијали на странски банки. Тоа значи дека тие се самостојни правни лица основани во Република Македонија и располагаат со соодветно ниво на уплатен капитал, кој не може да биде повлечен од страна на матичната банка. Воедно и двете банки располагаат со соодветно ниво на средства што им се на располагање за финансирање на своите активности и не зависат од ликвидносната поддршка од матичните банки. Тие имаат задоволителна и стабилна солвентна и ликвидносна позиција. Во рамки на своите супервизорски надлежности Народната банка редовно ја следи и цени солвентната и ликвидносната состојба на домашните банки и не се забележани никакви неповолни и невообичаени промени, кои би дале причина за супервизорска загриженост – нагласуваат од кабинетот на гувернерот Димитар Богов.
Оттаму додаваат дека и самата законска и подзаконска регулатива ја ограничува можноста за изложување на домашните банки кон нивните сопственици, вклучително и кон странските матични банки.
– Така, покрај супервизорскиот лимит за изложеност кон поединечни лица од 25 проценти од сопствените средства на банката, за акционери, вклучително и банки, се применува и построг супервизорски стандард, според кој изложеноста кон матичните банки и кон сите други членки на банкарските групи може да достигне максимум од само 10 проценти од сопствените средства на банката. Дополнително, уште во 2012 година, Народната банка, превентивно, донесе подзаконска регулатива со која се воведе поконзервативен пристап во споредба со повеќето земји, а во однос на минималното ниво на исправка на вредност, која треба да се направи за вложувања (вклучувајќи ги и во хартии од вредност на владите и на централните банки), кои се со кредитен рејтинг или со седиште во земја, чијшто кредитен рејтинг е еднаков или понизок од ЦЦЦ+ (во согласност со рејтингот на „Стандард и Пурс“ или „Фич“) или Цаа1 (во согласност со рејтингот на „Мудис“). Ваквите изложености банките по автоматизам мораат да ги класификуваат во категорија на ризик „Г“ и да издвојат соодветно повисоко ниво на исправка на вредност, што наметнува повисоки трошоци за изложувањето кон клиенти (вклучително и банки и акционери) од овие земји (вклучително и Грција) – велат од НБРМ.
Според Централната банка на Македонија, имајќи ги предвид овие веќе преземени мерки што се однесуваат на сите банки во Република Македонија, особено се намалуваат на минимум ризиците за одлив на средства кон субјекти и земји со низок кредитен рејтинг.
Од Стопанска банка а.д. Скопје велат дека кај нив, практично, не постои изложеност на ризик.
– СБ претставува самостоен правен субјект основан во Македонија, кој ликвидносно не зависи од поддршката од матичната банка и кој има соодветно уплатен капитал што не може да биде повлечен од страна на матичната банка. Банката располага со соодветно ниво на средства што се на располагање за финансирање на своите активности и има мошне висока солвентна и ликвидносна позиција. Дополнително, Стопанска банка а.д. – Скопје нема инвестиции во грчки хартии од вредност, заеми и државни обврзници, ниту, пак, во други хартии од вредност, со што, практично, не постои изложеност на ризик. Вложувањата се во Република Македонија и во првокласни западни банки – велат од оваа банка.
– Стопанска банка а.д. – Скопје остана на врвот на македонското банкарство со растечка актива, најголема капитална сила, низок процент на нефункционални кредити и, се разбира, задоволни клиенти во редот на населението и на компаниите. Во согласност со последните податоци и извештаи, може да се заклучи дека Банката работи во согласност со врвни стандарди за сигурно, стабилно и здраво работење, остварувајќи ја рекордната добивка во историјата од своето функционирање. Исто така, СБ е водечка банка во земјава, фактор на стабилност на домашната економија и Банка пионер во воведување најиновативни и технолошки напредни решенија на банкарски производи – информираат од оваа банка.
Инаку, во тек се преговорите за постигнување спогодба за нова спасувачка помош за Грција. Спогодбата е нужна за да се одблокира помошта од 7,2 милијарди евра, што е останата од сегашната спасувачка програма, обезбедена од Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд. Европската комисија соопшти дека досега напредокот во преговорите е незадоволителен.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 138. број на неделникот „Република“, 24.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Утрово ограбена експозитура на Стопанска банка во Аеродром, крадецот избегал со 5 000 евра
-
Влегле со пиштол и избегале со 8 000 евра: Ограбена Стопанска банка во Маџари
-
Стопанска банка продолжува со извршување на редовните банкарски активности
-
Еден милион собрани насмевки, за подобра нега и грижа за децата