| четврток, 6 декември 2018 |

Триесет дена притвор за синот на сопственикот на радио „Канал 77“

mistik

Истражен судија му одреди 30 дена домашен притвор на Виктор Гаврилов, син на управителот на „Канал 77“, Горан Гаврилов, јави „Канал 77“.

Одредувањето на мерката домашен притвор било на инсистирање на општинското јавно обвинителство, под образложение да не влијае на сведоците или да не избега во странство.

СВР Штип до Основното јавно обвинителство-Штип вчера  поднесе кривична пријава за В.Г.(21) од Штип, за направено кривично дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.

По претходна телефонска пријава од страна на менаџерот на дискотека „Мистик“, било пријавено дека во делот каде што се сместени ВИП сепареата имало групирање лица, кои минатата недела учествувале во вршење на кривично дело насилство, испратени се неколку полицајци со цел превентивно набљудување.

Полицијата, соопшти денеска МВР, во делот каде што се сместени ВИП сепареата забележала две машки лица што меѓусебно се туркаат и расправаат, при што од страна на полициските службеници, кои прво со службени легитимации се легитимирале и се претставиле, е реагирано за да се спречи нарушување на јавниот ред и мир. Во тој момент едно од лицата им се обратило на полицајците со вулгарни зборови и, видно под дејство на алкохол, продолжило да ги навредува. Во еден момент го исплукал полицискиот службеник и физички го нападнал.

Полицискиот службеник е упатен во ЈЗУ Итна медицинска помош каде што му е укажана лекарска помош.

Од страна на другите полициски службеници напаѓачот е совладан и приведен во просториите на СВР Штип. Тој забележливо бил под дејство на алкохол, при што му е извршено алкотестирање и е констатирано 1,35 промили алкохол во крвта.

Во просториите на СВР Штип се повикани повеќе лица сведоци на настанот, кои ги појаснија околностите на извршеното дело.  Освен повиканите сведоци во просториите на СВР Штип неповикани дошле и неговиот татко и неговата тетка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top