Низ многу маки поминаа синоќа девојките кои се бореа да освојат едно од шестте столчиња резервирани за кандидатите со кои како ментор ќе работи Жељко Јоксимовиќ. Тој, пак, се погрижи секоја од нив да го заслужи местото во неговиот тим.
Во моментот кога беа пополнети само три столчиња, настапи Соња Чоко, чиј настап помина послабо.
Жељко одлучи дека нема да го слуша мислењето на своите колеги, туку побара секоја од девојките кои веќе седеа на столчињата да го оцени овој настап. Една од девојките, Милица Лојиќ од Бања Лука, одби да го коментира настапот, па Јоксимовиќ ја испрати дома.
– Милице, и ова е дел од шоуто, да видиме какви сте – и рече тој.
Продуцентите го предупредија дека според правилата, тој мора прво да ги пополни сите столици, па да прави измени.
– Сакав да видам кој е каков. Настапот на Соња беше просечен, а ако ме лажеш во лице, нејќам да работам со тебе – изјави Јоксимовиќ.
Од продукцијата му дозволија овојпат да биде по негово, но дека веќе не смее да ги крши правилата.
Подоцна Жељко ја врати Милица на сцената и ја праша дали знае зошто ја исфрлил од натпреварувањето, на што таа одговори дека не знае.
Изнервиран и од тој одговор, Јоксимовиќ по вторпат ја исфрли, за на крај Хулиќ да ја вметне во една од групите кои ги состави и со кои ќе работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.