| четврток, 6 декември 2018 |

Возобновено најголемото духовно светилиште во земјата „Свети Јован Бигорски“ (фото)

Бигорското светилиште на свети Јован Крстител, кое се наоѓа на патот помеѓу Гостивар и Дебар, го доживува својот најголем процут од своето речиси илјадагодишно постоење. Денеска беше осветен новоизградениот конак Источен палат и возобновениот конак Горни палат.
bigorski-osvetuvanje-24
– после неполни шест годни од големиот пожар во 2009 година, Бигорското светилиште на свети Јован Крстител најпосле го дочека мигот на свеченото осветување на новоизградениот конак Источен Палат, како и на возобновениот Горни Палат. Овие изминати пет и половина години, пожртвуваноста и големиот труд на нашиот Старец, Архимандрит Партениј и нашето монашко братство, како и помошта и поддршката од страна на нашиот благочестив народ и благоверната Влада на РМ, а пред сѐ, благословот од семилостивиот наш Спасител, Господ Исус Христос, и молитвите на Неговата Пречиста Мајка и на Неговиот славен Крстител, вродија со голем плод. – велат од манастирот.
bigorski-osvetuvanje-22

Денеска голем број граѓани и претставници на државниот врв присуствуваа на осветувањето на
одновениот дел од манастирот кој настрада во пожарот. На корисна површина од 7600 м2, колку што зафаќаат Источен и Горни Палат, распоредени се педесетина монашки ќелии, магерницата, големата трпезарија, галеријата со икони, подрумските простории, великиот и малиот синодикон, гостинскиот архондарик, манастирската амбуланта, прекрасната книгохранителница, манастирската кула и други функционални простории…
bigorski-osvetuvanje-21
– И покрај големите искушенија, главно поради немањето доволно парични средства, сепак во најголема мера е возобновен, повторно со божји благослов и со помошта од верниот народ и од Владата – велат од манастирот.

Архиепископот г.г. Стефан потенцираше дека со пожарот во Бигорски се опожарила една од најголемите, една од највелелепните наши духовни и материјални градби.

Отец Партениј, игуменот на манастирот во својот говор искрено посака ова воскресение на Бигорски да пренесе блага порака до целиот наш народ да престанат раздорите и меѓусебните осудувања, нашите срца да родат покајание, а нашите умови духовно преумување, па сите ние да се сообразиме со Воскресението и воскресната радост.

– Она што ќе остане непобитен сведок за времето и историјата, за тоа дека доброто срце не познава определеност, граници и меѓи е фактот дека напомош, на монасите и на ова светилиште на македонската духовност и култура, пристапиле и многумина од браќата по крв, Македонци со мухамеданско верување, како и Албанци од Дебар-рече отецот.

Владиката Тимотеј, пак, рече дека како архиереј на МПЦ – ОА, со работно и животно делување скоро 34 години на овие простори, има спомени за временски период кога овој манастир бил сè друго, само не она што треба да биде и за којашто цел и намена.

– Истиот е подигнат. Но, тоа е историја која треба да се забележи и да не се заборави. Да не се заборави за да не се повтори. Но, ние денеска, учествуваме во негово ново светло. Изграден, возобновен, украсен, како со своите прекрасни архитектонски решенија, така, уште повеќе го красат и гордеат живите монашки ликови. Оние кои се подвизуваат, се молат во него, како за своите души, така и за македонскиот и за сиот христијански род – додаде г. Тимотеј.


Фото: Ѓ. Личовски (Република)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top