| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Крајната цел ни е стабилна, успешна Македонија!

Tribina na Vmro vo sala Boris (4)

-Македонија е градена низ предизвици и искушенија, низ една долга историја.
Се наоѓаме во такви и ние и нашата генерација и ја имаме одговорноста да опстоиме во нашата битка за подобра и просперитетна Македонија со повеќе можности за идните генерации! Дневната битка со овие на кои којзнае што сѐ може да им падне на памет, ние на крај ќе ја добиеме, и тоа по истиот принцип по кој Касиус Клеј ги добиваше мечовите. Со нокдаун и тоа во ситуација во која противникот мисли дека овој само што не паднал.
Јас сум во тоа сигурен и воопшто не е тоа прашање на дилема. Ние имаме една многу поважна работа. Да не дозволиме на тие што го искреираа ова сценарио да успеат во намерите за дестабилизација и уназадување на Македонија, а притоа да опстоиме на агендата за инвестиции и проекти кои треба да носат вработувања и подобар живот за нашите сограѓани како и нашиот трасиран пат за ЕУ и НАТО. Тоа е нашата врвна цел и агенда – рече премиерот Никола Груевски во своето обраќање на големиот народен собир на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.

Тој смета дека оваа Влада знае и може да ја спречи опозицијата во својата намера.

Со работа, со труд, со посветеност, со внимателност и мудрост, и со љубов кон татковината. Како што му доликува на ВМРО-ДПМНЕ! Мене ми е јасно дека нашата база и нашите поддржувачи чекаат сигнал за да одговорат на сите провокации, на  агресијата, заканите кои доаѓаат од опозицијата. И знам дека едвај чекаат да дадат ВМРОВСКИ одговор, зашто се провокативни заканите од личности кои ако го видат можниот  ВМРОВСКИ одговор таков фитиљ ќе фатат, што и Папуа Нова Гвинеја ќе им се види блиску од што брзо ќе трчаат натаму. Но ние сме мудри и знаеме која ни е крајната цел. Крајна цел не ни се тие, крајната цел ни е стабилна, успешна Македонија! И за таа цел, вреди и да се истрпат овие што на глава ни се качуваат секој ден и во сопствената немоќ и фрустрации пробуваат да не испровоцираат. За Македонија вреди да се истрпи ова! – рече Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top