| четврток, 6 декември 2018 |

Триесетина брачни двојки заинтересирани за бебе преку сурогат-мајка

Сурогат-мајки може да бидат жени на возраст од 25 до 50 години, да се во добра психофизичка здравствена состојба, кои имаат родено барем едно дете и се македонски државјани. Брачните двојки имаат право на овој начин да добијат две деца, а сурогат-мајка може да биде само еднаш.

655-402-bremennost

Откако пред околу  пет месеци беше донесен законот со кој се овозможи за првпат да заживее сурогат-мајчинството во Македонија, триесетина брачни парови  кои не ја реализирале до сега родителската улога побарале информации за почнување на постапката за добивање на дете преку ваков вид на вештачко оплодување.
Според информациите од Министерството за здравство, постои голем интерес на брачни двојки за добивање на дете преку постапката на  биомедицинско потпомогнато оплодување. Оттаму посочуваат дека досега се пријавиле неколку кандидатки за потенцијални гестациски носители  чија постапка за утврдување дали ги исполнуваат законски пропишаните услови е во тек. Во постапката за потврда дали се исполнети неопходните медицински услови за брачната двојка е вклучена и Универзитетската клиника за гинекологија и други јавни здравствени установи, а Министерството за здравство посредува во закажувањето на прегледите од страна на УК за гинекологија со цел да им помогне на брачните двојки. Оваа постапка претходи на поднесувањето на пријавата за запишување во регистарот на брачни двојки и доставувањето на пријавата и документацијата до Министеството за здравство.

Прв чекор што треба да го направат заинтересираните е да се обратат во Министерството за здравство, со доставување соодветна документација како потврда дека ги исполнуваат соодветните услови услови. За таа цел, Министерството за здравство води два регистра, од кои еден за жените кои се потенцијални гестациски носители, а другиот за брачните двојки. Министерството ги внесува податоците во овие регистра, откако ќе утврди дека се исполнети условите.

Втор чекор што треба да го направат идните родители е да достават барање во Министерството за здравство за увид во соодветниот регистар заради вршење избор на гестациски носител. Изборот на гестацискиот носител го врши самата брачна двојка.
Трет чекор што треба да го направат заинтересираните брачни двојки е да се обратат во Mинистерството за здравство со доставување писмено барање за почнување на постапката за биомедицинско потпомогнато оплодување со гестациски носител, како и доставување писмена изјава заверена кај нотар.

Заинтересираните парови претходно треба да бидат стручно советувани за психолошките и правните последици од оваа постапка, од страна на Комисијата за психолошко советување и Комисијата за правно советување.
Министерството за здравство по добивање на писменото барање утврдува дали се исполнети сите услови од овој закон за поведување постапка и писмено ќе ја извести брачната двојка и потенцијалниот гестациски носител.

Сурогат- мајки може да бидат жени на возраст од 25 до 50 години, да се во добра психофизичка здравствена состојба, кои имаат родено барем едно дете и се македонски државјани. Брачните двојки имаат право на овој начин да добијат две деца, а сурогат-мајка може да биде само еднаш.

Таа нема право да поведе постапка за прекинување на бременоста согласно прописите за прекинување на бременоста, освен доколку врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека: претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на нејзиното здравје за време на бременоста, породувањето или по породувањето, како и доколку врз основа на научни сознанија може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци.

Сурогат мајката може да ја контролира бременоста, како и да се породи во јавна или во приватна здравствена установа, трошокот, кој се смета за материјален, го надоместува брачната двојка.

Сурогат мајката има право и должност во текот на бременоста да води уреден живот, да се храни правилно и да прима додатоци на исхраната потребни за одржување на бременоста, да вежба и психофизички да се подготвува за породувањето  и да ги избегнува штетните фактори од околината кои можат да му наштетат на плодот. Трошоците направени за исполнување на оваа должност се сметаат за материјални трошоци и ги надоместува брачната двојка.

Гестацискиот носител и жената од брачната двојка која е во работен однос ги има сите права од областа на работните односи, пензиското и инвалидското осигурување и здравственото осигурување по основ на бременост и раѓање.

Се предвидува Фондот за здравство на сурогат-мајката месечно да ѝ исплаќа финансиска надомест во височина од  една просечна плата во земјава, која би ја користела за правилна исхрана, лекови, прегледи и слично. За примање парична надокнада и од семејството и еден вид изнудување предвидени се строги санкции.

Министерството за здравство ги повикува сите брачни двојки кои сакаат да ја остварат родителската улога и сите хумани жени кои сакаат да им помогнат да се обратат до Министерството за здравство.

Овој концепт на сурогат- мајчинство успешно фунционира во Англија, САД, Холандија, Белгија, Русија, Канада и други земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top