Европската унија денеска изрази жалење за вчерашниот трагичен настан на пругата Велес – Скопје кога во железничка несреќа животот го загубија 14 емигранти од Сомалија и од Авганистан, јави дописникот на МИА од Брисел.
Портпаролката на Европската комисија, Наташа Берто, на прашањето на дописникот на МИА дали Брисел е подготвен да ја натера грчката држава на соработка со македонските власти околу прашањето со емигрантите, оти тоа е единствената земја со која Македонците немаат договор за емигранти, Берто избегна да одговори.
– Во моментов немаме детали за овој случај. Можеме само да изразиме жалење за загубата на животи и да се обврземе дека ќе го разгледаме подетално овој случај – истакна гласноговорничката на Еврокомисијата.
Денешниот нејасен став на неофицијалната Влада на ЕУ во врска со емигрантскиот проблем на Грција со Македонија доаѓа еден ден откако шефовите на државите и владите на ЕУ-земјите на специјален самит во Брисел објавија дека Унијата сериозно ќе се зафати со ова прашање, одобрувајќи 130 милиони евра за справување со овој проблем на своите земји-членки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.