| четврток, 6 декември 2018 |

Драмските текстови на Јованов, Куслеска и на Абаза избрани на конкурсот за откуп

Избраните текстови ќе бидат промовирани на педесетото издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ и ќе станат достапни за сите заинтересирани театарски установи

beti-500

Драмските текстови „Хенгин араунд“ од Љупчо Јованов, „Шест дена работи, седмиот одмарај“ на Весна Куслеска и „Бегство“ од Рафет Абаза се трите текстови кои беа избрани на конкурсот за откуп на драмски текстови кој го реализираше Министерството за култура. Конкурсот беше објавен на 30 септември минатата година, а на него пристигнале 51 драмски текст на реномирани македонски автори и млади писатели.

– Еден текст не е ништо ако не биде поставен на сцената. Се надевам дека овој текст ќе биде поставен на сцената на театарите – рече Јованов, кој е доцент на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје.

Јованов речиси 20 години работи како сценограф во македонските театри, така што проблематиката му е позната.

– Долго време се дружам со Дејан Дуковски, Бојан Трифуновски, Синиша Евтимов, Срѓан Јанаќиевиќ. Овој текст е напишан пред 10 години. Пред да го испратам на конкурсот, го коригирав минимално, односно избришав неколку делови, но ништо не додадов – рече Јованов, кому архитектурата му е е професија, но веќе има објавено книга-раскази и еден краток роман.

„Хенгинг араунд“ е приказна за два лика и нивното влетување во светот на бајките, објасни Јованов.

Абази е реномиран актер, но и автор на македонски текстови, а Куслеска е млад македонски драматург и автор на неколку драмски текстови и сценарија.

Избраните текстови ќе бидат промовирани на педесеттото издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ и ќе станат достапни за сите заинтересирани театарски установи.

Министерството за култура досега реализираше два отворени конкурси за поддршка на домашното драмско творештво – „Вечната куќа“ на Јордан Плевнеш и „Најважната работа на светот“ на Братислав Димитров.

– Најновиот конкурс за откуп на драмски текстови како и претходно објавените конкурси кои беа предвидени во Стратегијата за развој на културата во Р. Македонија 2013-2017 ги спроведуваме во насока на збогатување на националниот фонд на дела, поттикнување на домашното творештво и афирмација на улогата на авторот – изјави Елизабета Канческа-Милеска, министерка за култура.

Овој конкурс ќе се објавува секоја година. Министерката изјави дека на конкурсот биле понудени доста квалитетни дела со сериозен творечни потенцијал, а нив ги разгледувала Комисијата од истакнати стручни и компетентни лица во состав, Јордан Плевнеш, Петар Темелковски, Синиша Ефтимов и Илбер Муртези.

Претседателот на комисијата Јордан Плевнеш истакна дека по разгледувањето на текстовите кои пристигнале на конкурсот констатирале една македонска драмска револуција.

-Во тие 51 дело откривме нови хоризонти, нова реторика, нови зборови. Често пати во историјата на модерна Европа се велело дека новите генерации доаѓаат со нови зборови кои што првпат ги слушате на сцената или ги читате, во таа смисла новите зборови во Македонија потсетуваат на еден театролог од седумдесетите кој еднаш истакна дека во Македонија и воздухот мириса на театар – рече Плевнеш.

Според Темелковски, драмското творештво во Македонија добива голем подем.

На конкурсот пристигнале драмски текстови со различна содржина.

– Имаше детски, класични, модерни, комични текстови. За жал, моравме да одбереме само три, но тоа не значи дека и останатите не ги задоволуваа критериумите. Имаше текстови на македонски, албански, турски, дури и еден текст на ромски јазик, што е одлично. Текстовите на Јованов и Куслеска за нас беа големо освежување – објсни Плевнеш.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top