Балканското буре барут повторно опасно чади. Опозицијата фингира криза во Македонија, на Грција ѝ се закануваат со банкрот, Турција ја судат за геноцид стар еден век, а Орбан одамна е цел на ЕУ и на САД „демократите“ за „состојбите“ во Унгарија. Недостига уште Србија за да се заокружува прикаската за петте земји инволвирани во „Турски тек“?! Затоа, пак, изјавата на поранешниот албански уметник Еди Рама за спојување на Албанија и на Косово е адресирана токму до Србија. Таква беше и очекуваната реакција на српските власти. Вучиќ излезе и го кажа предвиденото – им вети дека никогаш нема да се обединат. Побара и Рама да престане со натамошното создавање нестабилност во регионот. Со тоа српскиот премиер ја допре и срцевината на проблемот. Кому му годи таа нестабилност? Одговорот е повеќе од прост: на истиот тој на кого му пречи новиот тек на земниот гас. Турски ли, каков и да е…
Сликарот и актуелен премиер Еди Рама не е паднат од Марс, велат познавачите на состојбите. Тој е истиот Рама што на прес-конференциите на челниците од Балканот секогаш седи до Ангела Меркел. Неговата ролја во најновата прикаска е повеќе од случајна и не само националистичка. Католикот Рама одигра за ЕУ и за САД. Ги налути Србите и им се закани со „класично спојување“ на Албанија и на Косово. Паралелноста на силните турбуленции во останатите четири земји од „Турски тек“, исто така, не е коинциденција. Носителот, Русија, пак, одамна е во наметнатите дворски интриги со украинската криза. Истата таа Украина за која американскиот „филантроп“ Џорџ Сорос вети една милијарда долари. Да, Сорос кој дава милиони за „независните“ медиуми во Македонија и за кого цели четири години задолжен за Албанија беше токму братот на Еди, Олси Рама. Во светот и кај Ајнштајн случајноста е само начин како Господ да остане анонимен, на Балканот, пак, случајноста е синоним за странските служби со кои тие остануваат анонимни. Или, барем, сакаат да бидат…

Заев сака да биде Рама
Македонската опозиција одамна излезе од „државотворното“ руво, кое и онака никогаш не ѝ стоеше и ѝ беше неколку броја поголемо. Затоа, го соблече и го наметна она што подобро ѝ прилега, рувото со дезен на криза. Во моментот кога разбра дека нема враќање на власт на лажната „меѓународна“ карта, опозицијата во паника се сврте кон испробаните рецепти. Најблиска им беше „западната“ кујна. Случајно, претставена токму од Еди Рама. Во не толку далечната 2009 година, токму Рама ги бојкотираше резултатите на парламентарните избори. Сепак, тој подоцна се врати во парламентот за да победи на следните избори во 2013 година, на кои, според албанските аналитичари, Албанците гласаа повеќе „против“ Бериша отколку „за“ Рама. Гледано во Македонија, ова е и желбата на СДСМ, која е свесна дека доколку сега се распишат избори, нивните желби ќе експлодираат како и „бомбите“, па затоа и го тераат сценариото кое е старо повеќе од една година, колку и бојкотот, а ќе се исполнува уште многу, многу долго време. Сите како да заборавија дека Заев најави еден и пол месец „пукање бомби“, а веќе навлегоа во третиот. Доколку не бојкотираа и „бомбардираа“, сигурно беше дека нема да дојдат на власт ниту во 2017 година. Дотогаш ќе се изградеа многу автопатишта, ќе се дадеа многу субвенции, ќе влезеа многу инвестиции и ќе се вработеа многу луѓе. Премногу „многу“ за имагинарната и мала програма на партијата. Очигледно, одговорот мораше да биде со создавање на македонскиот политички Франкенштајн. Ставена во тесно, опозицијата ги зеде најлошите делови од телата на балканските браќа по немање власт – бојкотот на албанската опозиција (по Рама го практикуваше и Бериша), наводните фантомски гласачи на бугарската опозиција и безидејноста на српската опозиција. Проблемот во прикаската е непресметливоста. Сакајќи или не, но во градењето на опозицискиот Франкенштајн, СДСМ преку инфекцијата со „сестринските“ странски служби во прислушувањето, го презеде и грчкиот дел од телото на чудовиштето на Мери Шели, пропаста на ПАСОК.
НИКОВСКИ: „Пуч“ помага во реализацијата на големоалбанскиот проект
Појавувањето на албанскиот премиер-сликар во зовриената балканска политичка констелација не е случајно и се должи на желбите и наредбите на Вашингтон, вели Ристо Никовски, кој, меѓу другото, беше и амбасадор во Тирана во периодот од 1998 до 2002 година. Изјавата на Рама ја става во јасна корелација со случајот „Пуч“ и активностите на македонската опозиција.
НИКОВСКИ: За да се разбере изјавата на Рама, мора да се тргне од фактот дека, по распадот на Југославија, САД се главниот фактор на Балканот, а нивни стратегиски партнери се Албанците (не Албанија). Албанците од Тирана, Тетово и од Приштина апсолутно ништо поважно не преземаат без претходен договор со Вашингтон. Докази за тоа има повеќе, а најверодостојни се независноста на Косово и војната од 2001 година. Овие два клучни настани во нашиот дел од регионот сѐ уште не се завршени. Кризата во Македонија, која ја почна ДУИ со барањето за консензуален претседател со што се урива уставниот поредок, а ја продлабочи СДСМ со бојкот на Собранието и со аферата „Пуч“, има јасна цел да го заврши тоа што во 2001 година не беше постигнато – разбивање на државата. Да не забораваме дека со независноста на Косово големоалбанскиот проект е веќе преку 70 проценти реализиран и, засега, останува актуелен само делот во Македонија. Се прави сѐ за тоа прашање што побргу да се финализира, било преку федерализација или со директно разбивање на земјата. Рама само додава црн пипер во манџата заради кревање на тензиите во регионот и со крајна цел да стимулира што побрза капитулација на Македонија.
Инаку, вели Никовски, обединувањето на Албанија и на Косово е само техничко прашање на време и на политичка волја на двете страни да преземат таков чин. Тоа во никој случај нема да биде лесно, посочува тој, особено поради политичките амбиции на нивните лидери кои ја сакаат целата власт.
НИКОВСКИ: При тоа никој нема скрупули и пребрзото обединување може да предизвика голема нестабилност, та дури и албанска граѓанска војна. Албанските лидери се единствени само кога е на маса националното прашање. Во сите други случаи се гледаат преку нишан: Рама и Бериша; Ахмети и Тачи; Тачи и Харадинај…
Познатата поврзаност на семејството на Еди Рама со албанскиот разгранок на Сорос, за кого работеше и брат му Олси и ја имаше улогата на Милчин, само ја разјаснува регионалната слика. За Никовски, тоа е дел од планот за поткупување на државата.
НИКОВСКИ: Улогата на Фондацијата „Сорос“, барем во Македонија, е крајно негативна. Милчин и братијата овде играат улога на политичка партија која пред никого не полага сметки, освен пред своите странски финансиери. Сепак, вината не е нивна – крива е власта што ги толерира. Веројатно не е лесно тие да се забранат бидејќи ќе следат сериозни критики од надвор, ама штетата која ни се нанесува како на држава и народ е огромна. Кога се анализира сегашната криза во Македонија, треба да се потсетиме дека по неуспехот на војната во 2001 година, преку Охридскиот договор почна реализацијата на „планот Б“ со кој земјата треба да се поткопува и урива однатре. Тоа сценарио сега доживува своевиден климакс: ДУИ не го признава претседателот, СДСМ – Собранието и земјата станува нефункционална демократија. Полошо – здравје.
Истовремено, истакнува поранешниот амбасадор, со криминални активности и на крајно нелегален начин, опозицијата се обидува да ја урне легитимно избраната власт, намерно го девалвира рејтингот на земјата на меѓународен план и прави очајнички напори да ни се одземе препораката за датум за преговори за членство во ЕУ…
НИКОВСКИ: Тоа се срамни самоубиствени потези со единствена цел да се дојде до власта, макар и на нелегален и на криминален начин. За среќа, шансите да успеат се никакви, ама штетите се долгорочни. Таквите чекори на опозицијата водата директно ја водат во водениците на грчките интереси, на големоалбанските аспирации, на бугарските негирања на македонизмот и на комбинаториките на српскиот клер. Сето тоа е на неизмерлива штета и на македонската држава и на сите нејзини граѓани.
Нестабилноста на Балканот ќе трае сѐ додека не се најде решение за дефинитивно затворање на постјугословенскиот расплет, вели Никовски, според кој тоа сѐ уште е далеку, пред сѐ поради состојбите во БиХ каде што сѐ уште нема одржливо решение на повидок.
НИКОВСКИ: Додека таму не се најде некаков модус вивенди, нема да се дозволи стабилизирање на Македонија. Во американските геостратегиски консидерации ние бевме и остануваме монетата за евентуално поткусурување, во зависност од финалните проекции за регионот. Косово горе-долу е завршена геополитичка приказна иако и таму уште долго нема да се средат работите. Косовците и натаму ќе практикуваат масовни егзодуси, ама без пошироки конфликти. Во Србија нема политичар кому тоа не му е јасно и во прашање е само модалитетот како побргу да се голтне кнедлата.
Брисел не е задоволен од сегашните состојби на Балканот, ама Вашингтон ликува. Американската улога сѐ уште е клучна и тие овде можат да прават што сакаат. Сето тоа добива нагласено значење во врска со кризата во Украина, која САД успееја да ѝ ја наметнат на Европа. Така, стариот континент станува сѐ позависен од безбедносниот чадор на Вашингтон што е на долгорочна штета на вистинските потреби на сите земји. Целосното европско обединување, кое не е можно без Русија, сега е тотално оневозможено и последиците ќе бидат неизмерливи. Нестабилноста на Балканот е само мал дел од мозаикот на американските европски интереси кои бескрупулозни се реализираат. Засега, главна жртва е токму – Македонија. „Турскиот тек“ ќе биде нов испит за регионот да се избори за своите витални интереси. Пречките нема да бидат лесни, ама длабоката заинтересираност на Грција и на Унгарија ги јакнат изгледите проектот да успее. Конкретно за Македонија, важноста на овој проект е – историска.

Трагичноста на желбата за висока функциjа
Прикаските за давањето контекст на прислушувањата се толку многу во „шема“ што и самата помисла на нив ве тера да ја свртите страницата или, поверојатно, да ја исклучите бидејќи и онака веќе одамна никој не чита книги и весници. Вие, читателу, сте посебен, ретка сорта и треба веднаш да ве заштитат со закон… Вака велат, на начин сличен на кажаното во минатите неколку реченици, почнува „упикувањето“ на странските служби. Ве воздигнуваат, ве прават посебен, уникатен и најдобар, следува канализација на пројавените желби, а ветувањата се неверојатни, исто како и вашата недопирливост, заштитеност и високата позиција која ве очекува… А крајот го знаете – завршувате како предавник, а сте се надевале на функција која почнува на истата буква. Можеби премиер…
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 137. број на неделникот „Република“, 17.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


