
Колумнист: Горан Момироски
Еден од највлијателните грчки медиуми, „Катимерини“, инаку близок на Нова демократија и на лидерот Самарас, најави дека Грција ја очекуваат тешки месеци во кои Брисел ќе притиска СИРИЗА да ја крене блокадата кон Македонија и да дозволи продолжување на евроинтеграциите во земјава. Весникот „Катимерини“, кој има одлични извори и во Брисел и во Вашингтон, според тоа што е досега македонско искуство, најчесто објавувал точни информации во врска со спорот за името иако во неколку наврати се обиде со свои „сценарија“ да влијае на грчката позиција пред меѓународната јавност. Не е исклучено дека и сега „Катимерини“ има прецизни сознанија што е планот на земјите, кои, според весникот, прават заедничка координација за да влијаат на Ципрас да се повлече од грчките црвени линии прифатени од сите политички партии, вклучително и од Независните Грци, националистичката партија што во владата влезе со предуслов прашањето за името да биде ставен ад акта од СИРИЗА. За да биде јасно за каква партија се работи, треба да се знае дека таа е предводена од министерот за одбрана Каменос, кој најави дека ако ЕУ не даде пари тој ќе пропушти милиони бегалци и џихадисти кон Европа. Според „Катимерини“, планот е неколкуте земји што се иницијатори на акцијата да предложат усвојување соопштение што би го потпишале сите членки на Унијата, а кое би било наменето за владата во Атина (и делумно за владата во Никозија). Засега никој од познавачите на проблемот за името во Грција не излегува со поконкретни детали, а единственото заедничко нешто на сите што ги консултираше „Република“ е тврдењето дека тоа е „невозможна мисија“ за ЕУ. Доколку најавите од Брисел се точни, тоа би значело дека ЕУ признава дека предолго седеше настрана, дозволи Грција да биде регионален насилник, но сфати дека токму таа Грција може да направи простор за руска пенетрација на Балканот. Сѐ додека Русија беше далеку од Србија, Црна Гора, Грција и од Македонија, европските бирократи не размислуваа на оваа тема играјќи на сигурна карта дека што и да се случи, земјите од регионот ќе бидат на страната на запад. Сега кога Грција како членка на ЕУ почна да кокетира со Москва, а преку „Турски тек“, де факто, истото го прават и Србија и Македонија, ЕУ се освести и, најверојатно, ќе почне да го решава проблемот за кој и самата е виновна. Се разбира дека не е доцна за такво нешто, Македонија, реално, никогаш не се откажа од ЕУ и од НАТО и уште е пореално дека никогаш нема да го направи тоа, но во чекањето реално е и да се очекува дека секоја земја, како што прават и другите земји-членки како Унгарија, Грција, Австрија и други, ќе води дисперзирана надворешна политика, која, пред сѐ, ќе се базира на интереси и тоа финансиски, а потоа на вредности.
Пари или име, сè уште е нереално сценарио
Во убедувањето Грција да дозволи почеток на преговори за Македонија не се исклучува Брисел да ја искористи и картата „финансиска поддршка“ во замена за грчка конструктивност, но дел од познавачите велат дека Ципрас, кој досега одеше на сѐ или ништо, и овој пат може да ги прекине преговорите за името во име на националните интереси за да го подобри својот рејтинг.
Сенката на Самарас
Фактот што најавата, според која целата операција во Брисел се прави за да се спречи натамошна криза во Македонија, ја објавува весник близок на Неа демократија, за дел од познавачите може да значи дека Самарас, преку медиумите, сака да изврши притисок по кој Ципрас би можел да преземе погрешни чекори, со што на среден рок би ја влошил својата позиција на внатрешен план.

И рускиот фактор во игра
Во анализата на последните најави од Атина и од Брисел мора да влезе и рускиот фактор, односно последиците што врз иницијативите на ЕУ може да ги имаат последните чекори на Путин на Балканот. Најдалеку во ова сценарио отидоа дел од хрватските медиуми, кои информираат дека ако Македонија се согласи да влезе во гасоводот „Турски тек“, што веќе се случи на ниво на потпишување меморандуми за соработка, Русија би можела да се вклучи директно во спорот за името. Покрај оваа енергетска траса, која беше договорена во Будимпешта под будното око на европската комисија, Русија има уште една причина да се вмеша во спорот меѓу двете земји, тоа е малку подзаборавениот проект Дунав – Морава – Вардар – Егејско Море за кој е заинтересирана и Кина. Во ситуација кога на Ципрас очајно му се потребни пари, а Путин и покрај падот на рубљата и последиците од евросанкциите сѐ уште има капацитет да зајми, не може целосно да се исклучи дека Грција би се согласила на компромис и со Македонија и со Турција во спорот за егејските острови и за нафтените истражувања во Медитеранот.
Неконвенционалниот Ципрас и сé е можно
Новиот грчки премиер Ципрас, кој од седнувањето во фотелјата на чело на грчката влада покажа дека, и покрај неискуството, знае како да игра и како да ја користи геостратегиската позиција на својата земја, е најголемата енигма за сите набљудувачи. Човекот, кој, најверојатно, во јуни ќе ги урне санкциите на ЕУ кон Русија и човекот што побара 200 милијарди евра од најмоќната членка на ЕУ во име на воени репарации, е подготвен на сѐ. Особено ако тоа му донесе пари и финансиска стабилност за земјата. Иако многумина очекуваа „левичарот од комунистички профил“ да ги турка, пред сѐ, идеолошките прашања, сепак, тој се приспособи на пазарот и идеологијата ја користи за остварување на своите финансиски интереси. Ципрас пред да преземе каков било чекор ќе пресмета колку пари ќе му донесат проектите со Русија (пониска цена на рускиот гас, поволни кредити, приходи од транзит на гасот преку „Турски поток“ и евентуалната конекција Дунав – Вардар- Солун. На другата страна на вагата ќе останат беспредметниот спор за името и, можеби, удар за гордоста на грчкиот народ доколку Атина ги затвори спорните теми со Анкара. На ова ќе влијае и можноста Грција наскоро да врши експлоатација на нафта во Медитеранот, што во комбинација со запирањето на вечниот страв од судир со моќната армија е добар аргумент што би го прифатиле и умерените грчки националисти. Доколку Ципрас успее да ја задржи сѐ уште високата доверба кај јавноста, која се движи околу 60 проценти, би можел да се реши на овие неконвенционални чекори, кои се исто толку неочекувани колку што за многумина беше противењето да се укинат санкциите кон Русија, кои се на пат да завршат.
(Текст објавен во 137. број на неделникот Република, 17.04.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


