Рускиот претседател Владимир Путин и аргентинската претседателка Кристина Фернандез де Кирхнер, се договорија во Москва за создавање „стратегиско партнерство“ меѓу двете земји, откако двајцата лидери по својата средба во Кремљ потпишаа повеќе рамковни спогодби за соработка во економијата,како и за енергетска соработка. Путин и Кирхнер потпишаа и меморандум за соработка во одбраната, но за тој дел од разговорите на двајцата претседатели не беа дадени други детали, освен што рускиот претседател изјави по разговорите дека Русија ќе ја прошири својата воена соработка со Аргентина.
Според одредбите на потпишаните документи, Русија ќе ја финансира изградбата на новата хидроцентрала на аргентинската река Неуквеи, а руската компанија, под државна контрола „Русатом“ ќе го гради новиот, трет нуклеарен реактор за атомската централа „Атуча“ во Аргентина.
Претседателот Путин објасни дека во изградбата на новиот аргентински нуклеарен реактор ќе биде внесена најновата руска технологија.
Во изјавата што Путин ја даде по разговорите со својата гостинка рече дека Москва ја поддржува владата во Буенос Аирес во нејзиното барање за директни разговори со Велика Британија, околу Фокландските Острови, што официјален Лондон го отфрла инсистирајќи на правото на самоопределување на луѓето што живеат на Островите.
Ова е првпат, рускот претседател јавно да ѝ даде поддршка на аргентинската страна во нејзнините настојувања да добие суверенитет врз Фокландите, што во Аргентина се нарекуваат Малвински Острови, за кои Кирхнер и нејзината влада тврдат се дека дел од аргентинската територија.
Велика Британија, која ја има контролата врз островите уште од 1833 година, беше во војна со Аргентина во 1982 година, па ваквиот чекор на претседателот Путин се смета дека претставува одговор на британската влада за нејзните остри критики кон Русија поради анексијата на Крим и „нелегалниот“ референдум за приклучување на полуостровот кон руската територија.
Странските посматрачи во Москва веруваат дека „стратегиското партерство“ меѓу Русија и Аргентина е изнудено поради проблемите со кои се соочуваат двете земји. Русија е притисната од санкцииите од САД и од ЕУ поради украиската криза, а Аргентина, која одново се соочува со економска криза, главно поради популистичката политика на претседателката Кирхнер, има проблеми со американските хеџ-фондови, кои бараат да им се исплатат парите за откупениот аргентиски долг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



