Ерменската заедница во Република Македонија денеска (24.4.) во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје, со почеток во 12 часот, ќе одржи панихида во чест на загинатите Ерменци.
-Со ова ерменската заедница се приклучува кон одбележувањето на 100 години од Геноцидот над Ерменците. Манифестациите во спомен на жртвите на Геноцидот кои деновиве се одржуваат насекаде низ светот се проследени со симболот на ” Цветот-Не заборав“ кој во средниот век се сметал за симбол на Божјото присуство. Токму тој симбол ја пренесува главната порака на оваа меморија под мотото „Да не се заборави, за да не се повтори“, која е со основна цел за препознавање на неправдите кои се случувале низ историјата на 20-от век, за од нив се извлечат поуки за идни постапки со кои ќе ги заштитиме следните генерации. “Да се сеќаваме!”, велат од заедницата.
Во 17.30 часот, пак, во Кинотека на Македонија , ќе биде одржана проекција на филмот „Фармата на чучулигите“ во режија на Паоло и Виторио Тавиани.Приказната е превземена од бест селер новелата „ La masseria delle allodole“, од авторката Антониа Арслан, која раскажува за кланот Авакиан, ерменско семејство кое живеело во Турција и нивната судбина за време на погромот од 1915 година.
Исто така, секаде во светот ќе се одржи традиционалната „Вечер на светлината“ на која сите Ерменци и нивните пријатели во чест на загинатите во погромот, ќе запалат свеќи кои ќе бидат поставени на прозорците од нивните домови и на тој начин симболично ќе го осветлиме патот до вистината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.