Основното јавно обвинителство Велес ја продолжува истрагата за железничката несреќа што се случи синоќа околу 22.30 часот на железничката пруга Велес – Скопје на околу два километра по железничката станица „Рајко Жинзифов“, поточно меѓу оваа станица и пругата Пчиња.
ОЈО Велес информира дека од првичните сознанија добиени од групата од десетина лица што од непристапниот околен шумски терен се приближиле до пругата при вршењето на увидот, добиени се сознанија дека се работи за мигранти од Сомалија и од Авганистан, кои се движеле по пругата во група и во моментот кога го слушнале звучниот сигнал успеале да го избегнат ударот на возот скокајќи од пругата во околниот простор.
– Според машиновозачот на патничкиот експресен воз бр.334, кој сообраќа на релација Гевгелија-Белград движејќи се во правец кон Скопје по изминувањето на железничката станица „Рајко Жинзифов“ на 50-100 метри пред возот, забележале поголема група, која имала повеќе десетици лица, како стои или оди по пругата. Во тој момент машиновозачот презел дејство на интензивно сопирање на возот и вклучил звучен сигнал при што дел од лицата што се наоѓале на пругата избегале, додека, пак, дел од нив останале и поради неможноста на толку кусо растојание возот да сопре, удрил во нив при што некои се прегазени. На растојание од 100 до 150 метри од ударот возот запрел и веќе е онеспособен за натамошно движење поради оштетувањата настанати од несреќата – стои во соопштението од ОЈО Велес.
Основен јавен обвинител од Велес заедно со увидна екипа на СВР Велес и медицински лица од Амбулантата за брза помош во Велес излегле на самото место и извршен увид, при што е констатирано дека на пругата се усмртени 14 лица. Повредени лица не се затечени на местото на настанот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.