| четврток, 6 декември 2018 |

Клинтон и Рубио водат во анкетите за претседателските избори во САД

klinton rubioДемократката Хилари Клинтон и републиканецот Марко Рубио имаат најголеми шанси да бидат номинирани од своите партии за претседателските избори следната година, покажуваат денеска објавените резултати од анкетите.

Клинтон, поранешната американска државна секретарка, прва дама и сенатор на Њујорк, која настојува да стане првата жена претседател на САД, е далеку пред своите ривали во Демократската партија кога станува збор за номинацијата за претседателските избори во 2016 година, покажува истражувањето што го спроведе универзитетот Квинипијак.

Таа ја има поддршката од 60 отсто од демократите, додека нејзиниот најголем можен ривал, актуелниот потпретседател Џозеф Бајден, заостанува со 10 отсто, пренесуваат француските медиуми.

Борбата за номинација меѓу републиканците, е далеку понеизвесна.
Сенаторот од Флорида Рубио, син на кубански имигранти, има поддршка од 15 отсто анкетирани, а зад него е Џеб Буш, со 13 отсто.

Рубио ја почна кампањата на почетокот на овој месец во која повика на нова ера во американското лидерство, кое нема да биде „заглавено во 20 век“.

Со истражувањето беа опфатени 1.353 регистрирани избирачи ширум САД, а беше спроведено од 16 до 21 април.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top