Најмалку петнаесет млади жени од Западот, кои ѝ се придружиле на организацијата Исламска држава и се омажиле за џихадисти, сега се вдовици бидејќи нивните мажи загинале во борбите во Сирија и во Ирак, според институтот што ги следи активностите на исламските радикали на интернет.
Институтот за стратешки дијалог (ISD), организација од Лондон, му овозможил на „Ројтерс“ пристап до неговата база на податоци во која се регистрирани 106 жени од западните земји, кои се преселиле на териториите што ги контролира Исламската држава во Сирија и соседен Ирак, на кои во почетокот на јуни 2014 година прогласи т.н. калифат, и притоа се активни на интернет.
Петнаесет од нив во меѓувреме станале вдовици, било тоа самите да го објавиле на социјалните мрежи или, пак, други познати приврзаници на Исламската држава да објавиле на интернет дека тие мажи загинале, вели Мелани Смит од ИСД. Таа истакнува дека тоа во поголемиот број од случаите се случило во последните шест месеци.
Жените се на возраст меѓу 16 и 26 години, и според податоците може да се заклучи дека доаѓаат од Франција, Белгија, Канада, САД, Австралија и Јужноафриканската Република, додава Смит.
Моралот на вдовиците е причина за загриженост во Исламската држава, бидејќи организацијата се обидува да привлече жени од странство што ќе се омажат за нејзините борци и ќе ги населат териториите што ги заземаа џихадистите, проценуваат во ИСД.
Вдовиците затоа се храбрат повторно да се омажат за некој џихадист, штом ќе измине периодот на тагување, кој трае четири месеци и десет дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.