| четврток, 6 декември 2018 |

Совет на ЕУ: Во интерес на граѓаните и на демократијата е решавање на проблемите во Македонија

 совет

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија во рамки на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ денеска во Луксембург првпат донесоа заклучок во однос на политичката состојба во Република Македонија, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Според заклучоците, а по предлог на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), шефовите на европските дипломатии ја повторија посветеноста на Унијата во рамки на Солунската агенда, како и на заклучокот на самитот на Европскиот совет од 16 декември минатата година и на потврдување на кандидатскиот статус на Македонија.
Во првиот од четирите параграфи на заклучоците за Македонија на Советот на Унијата се изразува длабока загриженост за влошената состојба во земјата, „посебно во областа на владеење на правото, основните права и слободата на медиумите, како темелни демократски вредности во срцето на политиката за проширување на ЕУ“. Притоа, се наведува и дека „во интерес на граѓаните, демократијата, владеењето на правото и политичката стабилност, Советот ги повикува политичките лидери за брзо решавање на проблемите.
Во вториот параграф за Македонија, министрите во рамки на ГАК ги повикуваат сите страни да преземат итни мерки кон одржлива состојба, конструктивна посветеност за рестартирање на политичкиот дијалог и враќање на довербата во институциите со преземање адекватни политички чекори.
– Сите обвинувања треба да се истражат од страна на надлежните органи, вклучително и наводите за потенцијални злоупотреби објавени јавно, со целосно почитување на соодветниот процес, принципот на независност и пресумпцијата на невиност – се наведува во вториот параграф од заклучокот на Советот на ЕУ за Македонија.
Според предлогот на Европската дипломатска служба, Советот на Унијата во третиот параграф за Македонија го поздравува медијаторството на членовите на Европскиот парламент во разговорите меѓу главната владејачка и опозициска партија и да ги повика двете страни „да покажат воздржаност и да се фокусираат во пронаоѓање решение на сегашната политичка криза што е можно побрзо.

– Реафирмирајќи ја потребата за продолжена посветеност на ЕУ, вклучително и преку редовното известување од страна на Комисијата и на Европската служба за надворешни работи за ситуацијата во земјата и за напредокот на земјата во европската интеграција, а во согласност со заклучоците на Советот од 16-ти декември 2014 година, Советот останува вклучен по ова прашање и ќе се наврати на истото во следните месеци, се наведува во четвртиот параграф од заклучокот на Советот на ЕУ за Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top