| четврток, 6 декември 2018 |

МВР лови педофили со специјален софтвер

pedofiliНад 6.000 деца, жртви на сексуална злоупотреба на интернет, во целиот свет биле идентификувани и спасени изминативе неколку години со помош на софистициран софтвер на Интерпол за споредба на фотографии и видеа, пишува Дневник.

Оваа технологија, која истовремено овозможила апсење на повеќе од 3.000 педофили и трговци со материјали со сексуално експлоатирани деца, е достапна на полициите од 46 држави, меѓу кои и на македонското МВР. Последниот познат случај во земјава, во кој преку Интерпол беше откривана педофилска мрежа, е за едниот од синовите на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски. Во неговиот компјутер беа пронајдени повеќе порнографски фотографии од 10-годишни девојчиња и две порнографски видеа. Првичните анализи на форензичарите од одделението за компјутерски криминал при МВР утврдиле дека малолетните девојчиња во двете порнографски видеа не потекнуваат од Македонија. Истрагата допрва треба да утврди од која земја потекнуваат девојчињата за да се утврди нивниот идентитет, во која земја бил снимен педофилскиот материјал и слично. Поради тоа, овие материјали биле испратени во Интерпол за да се утврди дали биле или се дел од некоја истрага. Инспектори од македонската полиција имаат пристап на оваа технологија интегрирана во базата на податоци на Интерпол за Интернационалната сексуална злоупотреба на деца (ИЦСЕ), која е достапна 24 часа, седум дена во неделата, преку безбедниот глобален полициски комуникациски систем на Интерпол.

Наскоро Интерпол ќе добие пософистициран софтвер дониран од компјутерскиот гигант „Мајкрсофт“ наречен фото ДНK-технологија, која од секое видео ќе може да извлече уникатен дигитален потпис како своевиден отпечаток на прст или ДНK-трага кај луѓето.

– При една од посетите на седиштето на Интерпол имавме можност со колегите да се увериме во можностите на софтверот кој намерно изменети фотографии буквално ги чистеше до најситен детаљ прикажувајќи го оригиналот. Информирани сме за примената на најновата технологија на „Мајкрософт“, која ќе го унапреди и така напредниот софтвер на Интерпол, кој ќе профункционира наредниот период – изјави помошник-министерот за односи со јавност при МВР, Иво Kотевски.

Фото ДНK-технологијата ги пресметува различните карактеристики на дигиталната слика создавајќи уникатен потпис, како дигитален отпечаток на прсти, па со нејзина примена ќе може да се препознаваат ликови на фотографии или на видеа кои намерно се изменети. Овие потписи ќе се интегрираат во базата на податоци на Интерпол за Интернационалната сексуална злоупотреба на деца, кои потоа можат да бидат преземани од полициите на земјит-членки за да ги споредат со сопствените податоци.

– Ова е од суштинско значење за темелна и ефикасна анализа на сите материјали со злоупотреби и експлоатација на децата за да се помогне во идентификацијата и спасувањето на жртвите што е можно побрзо. Значајно е и тоа што со оваа технологија ќе се избегне удвојувањето на напорите на инспекторите, односно ќе се избегне тие да трошат драгоцено време обидувајќи се да ги идентификуваат жртвите кои можеби веќе се спасени – изјави Мик Моран, шеф на единицата на Интерпол за борба против трговија со луѓе и експлоатацијата на деца.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top