Вакцините се безбедни. Обврска на секој родител е да ги вакцинира своите деца и да ги заштити од тешки заразни болести. Пораката беше испратена преку манифестација во Градскиот парк организирана по повод Европската недела на имунизација.
Како што нагласи д-р Јованка Костовска од Министерството за здравство, од околу 350.000 боцкања годишно, максимум 40.000 се со несакани реакции и тоа многу мали.
– Во Македонија воопшто нема, ниту имало смртни случаи предизвикани од вакцини. Вакцините се безбедни, а реакциите што ги предизвикуваат, како секој друг лек, се очекувани и лесни – покачена температура, болка и оток на местото на апликација, вознемиреност, плачење,… Ништо пострашно не сме имале, нагласи Костовска.
Според неа, процентот на имунизација во Македонија е намален за околу еден до два отсто, но сепак, просечниот опфат се уште е околу 95 проценти.
– Ако ваквиот тренд продолжи, можно е да имаме критична група на невакцинирани деца и повторна појава на епидемии, рече докторката, забележувајќи дека дел од граѓаните ги вакцинираат децата во соседните држави што не е во ред, а дел потполно одбиваат вакцинација.
Вакцинацијата, потенцира Костовска, е превентивна мерка што се употребува на светско ниво. Посебни агенции и меѓународни организации ги следат безбедноста на вакцините и несаканите реакции од нив.
– Вакцините се доволени за употреба. Доколку се случи што било, се реагира веднаш, има патишта и начини како државите да се известат за тоа, напомена Костовска.
Одговорајќи на новинарско прашање, подвлече дека нема да се укине ниту една од вакцините што досега се употребуваат. Поливалентни вакцини ќе има од септември, а ќе се воведат и нови, против пнеумокок и рота вирус.
– Засега нема да се исфрли ниту една вакцина бидејќи иако во Македонија некоја болест не постои, сепак ја има во некоја од земјите во светот. Се додека некое заболување сосема не се искорени, во светски рамки, како што беше случајот со вариола вера, вакцините нема да се укинат, рече Јованка Костовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.