| четврток, 6 декември 2018 |

Двајца скопјани „заработија“ кривична поради измама

полиција

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против Ј.Ј.(41) и Г.Б.(46) двајцата од Скопје, вработени во Друштво за производство и услуги од Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „измама“.

Како што соопшти денеска МВР, пријавените во својство на лица кои вршат јавни овластувања со цел да се стекнат со противправна имотна корист, вршејќи шпедитерски услуги за Друштвото за производство, трговија и услуги од Скопје, довеле во заблуда лица кои се јавуваат во својство на сопственици во друштвото, на сопствена штета да исплатат парични средства во износ од 300 евра, со образложение дека тие се парична награда наводно побарана од царинскиот службеник кој бил задолжен за царинење на увезената стока, за да го прифати постојниот износ на царинската фактура.

Имено, оштетените лица, сопственици на Друштвото за производство, трговија и услуги, кое се занимава со увоз на спортска опрема на 23 декември минатата година се обратиле кај пријавениот Ј.Ј. за царинење на контингент на увезена спортска опрема од Италија за која била платена царина според издадената фактура од фирмата извозник на опремата.  Но и покрај тоа што биле платени сите царински давачки  оштетените не можеле да ја подигнат робата од царинскиот склад од причина што на  29-ти истот месец околу 16 часот  на оштетениот телефонски му се јавил првопријавениот, при што му пренел дека наводно царинскиот работник кој вршел царинење на робата кажал дека Друштвото ќе треба да доплати 100.000 денари за царина за робата бидејќи се сомневал во вистинитоста на износот на фактурата, односно дека тој би требало да биде многу повисок и доколку оштетениот не го доплати бараниот износ за царина ќе бил изготвен Записник во кој ќе било наведено дека се сомнева во веродостојноста на цените во фактурата.

Оштетениот на Ј.Ј. му одговорил дека неколку години наназад износите на увозните фактури биле секогаш исти и тој никогаш немал проблеми при царинење, па поради тоа истиот кажал дека нема намера да го уплати дополнително побараниот износ, а преку неговиот адвокат фирмата увозник ќе побара да покрене постапка пред надлежниот Суд против Царинската управа на РМ.  Потоа, истиот ден на оштетениот повторно му се јавил првопријавениот и му кажал дека тој наводно повторно разговарал со цариникот кој рекол дека оштетениот  наместо 100.000 денари ќе треба да даде 300 евра кои наводно биле наменети лично за него.

Од страна на пријавените преку телефонски повици и СМС пораки повеќе пати од оштетените лица бил побаруван износот во висина од 300 евра, поради што од страна на оштетениот настанот е пријавен и  донесени се парични средства во висина од 300 евра, со цел истите технички да бидат обработени.

Врз основа на доставеното Известување, од страна на судијата на предходна постапка при Основниот Суд Скопје 1 Скопје биле издадени Наредби за претрес на лице, како и Наредби за претрес на службени простории, при што во претресот на службените простории на работното биро кое го користи Г.Б. пронајдена е една банкнота во апоени од 100 евра, која се поистоветува со претходно технички обработена банкнота и еден мобилен телефон додека пак на работното биро кое го користи Ј.Ј. пронајдени се две банкноти во апоени од по 100 евра, кои се поистоветуваат со претходно технички обработените банкноти и еден мобилен телефон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top