| четврток, 6 декември 2018 |

Детали за убиството во Љуботен: Дошол за да се смират, соперникот пукал од заседа

lenta-policija500
Дваесет и едногодишно момче од Љуботен пукало во Џеваир Мурати (30) за да му се одмазди за ќотекот што го добил неколку часа претходно во населбата Бутел. Тој испукал само еден куршум, но успеал да му нанесе повреда која на крајот ќе биде фатална за триесетгодишникот од селото Раштански Пат.
Од скопската полиција соопштија дека осомничениот Т.Б. (21) сѐ уште е во бегство и дека по него е распишана телеграма за приведување.

Двете момчиња налетале еден на друг вчера попладне во близина на кружниот тек во населбата Бутел. Засега не е прецозно утврдено кој бил виновниот, односно кој го сторил сообраќајниот прекршок, поради кој двајцата излегле од своите автомобили. По неколкуте разменети закани и навреди тие го загубиле трпението и почнала пресметката во која Т.Б. го извлекол подебелиот крај.

Тој заминал дома и им раскажал на своите родители, а тие пак успеале да откријат со кого точно имал конфликт и да го најдат бројот од мобилниот телефон на Џеваир. Таткото на Т.Б. му се јавил и го повикал да дојде во Љуботен за да разговараат и да ги надминат недоразбирањата.

Околу 21 часот Џеваир и неговиот брат А.М. (23) дошле во Љуботен и се сретнале со таткото и двајца браќа на Т.Б.. Тие ги повикале да дојдат кај џамијата во селото за да можат на мир да разговараат не знаејќи дека нивниот брат има сосема друг план.Додека татко му и браќата преговарале со Џеваир тој дошол и се сокрил во нива која се наоѓала во непосредна близина, нанишанил и испукал еден куршум кон Мурати и го погодил во градите.
Тој паднал на земја обилно крварејќи, а неговиот брат успеал да го качи во автомобилот со кој дошле и да го однесе во Градската болница. На пат кон болницата тој им подлегнал на повредите. Лекарскиот тим во Градската бол;ница неколку пати неуспешно се обидел да го реанимира.

Како што веќе информиравме, инцидентот се случи околу 21 часот, а беше пријавен околу 22.15 од лекарите во Градската болница.Полицајците веднаш ја имале информацијата за идентитетот на убиецот и тргнале во потера, но тој успеал да побегне.
Инспекторите се уште испитуваат дали најблиските знаеле за планот на Т.Б. и му помогнале со убиството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top