Многумина велат дека духот на Шпанија најсилно се чувствува во Валенсија. Оваа престолнина на автономната шпанска покраина Валенсија, со прекрасна местоположба на бреговите на Средоземно Море, е позната како чувар на шпанската традиција, со многу знаменитости, фестивали и со посебна убавина. Валенсија е еден од главните универзитетски центри во Шпанија, која може да се пофали со современа и средновековна архитектура, огромни песочни плажи и со интересни обичаи.
Автобуски или авионски превоз
Директен превоз од Скопје до Валенсија речиси нема, па веројатно најдобра опција е да резервирате авионски или автобуски билет од Софија. Нискобуџетните летови од Софија ќе ве чинат околу 93 евра, а приближно иста цена имаат и автобуските билети, но поради далечината на Валенсија, превозот со авион е многу поисплатлив и поудобен.
Аеродромот „Мањисес“ во Валенсија е оддалечен осум километри од градот. Постојат фреквентни автобуски линии од терминалите до центарот на градот, метролинии и, секако, такси-возила. Има две метролинии што се поврзани со аеродромот: линиите 3 и 5. Патувањето трае околу 25 минути, а билетот чини 4,90 евра. Автобусите циркулираат на секои 20 минути и имаат цена од 2,5 евра. Превозот со такси, како и во сите други градови, е најскап, но постои како опција и до центарот на градот ќе ве чини околу 15 евра.
Во Валенсија има можност за поевтино сместување, особено во некој од хостелите што ќе ги најдете на интернет или преку туристичките агенции. Најевтините хостели ги нудат своите услуги од седум евра по лице, па нагоре.
Традиционалните тапас или уживање на прекрасните плажи
Во оваа шпанска убавица постојат голем број туристички локалитети што вреди да се посетат. Со прошетка низ центарот ќе видите прекрасни плоштади и паркови. Особено е убав стариот дел на градот. Тука се наоѓа плоштадот Плаза де ла Вирхин, на кој се одржува познатиот фестивал Лас Фалас (Las Fallas). Околу овој плоштад се наоѓаат важни историски споменици, како Римскиот музеј и црквата „Свети Јосиф“.
Друго атрактивно место за туристите е Градот на науката и на уметноста, каде што посетителите можат да уживаат во посетата на многубројни музеи. Тука се музеите на современа архитектура, музејот на науката, планетариумот и прекрасниот аквариум. Билетот за посета на аквариумот чини 11 евра, а ќе ви бидат потребни неколку часа за да го прошетате целиот објект.
Со оглед на фактот што овој град се наоѓа на брегот на Средоземно Море, очекувано е да има уредени и големи плажи. Тие се неодминлив дел од посетата на овој европски бисер, во кое било годишно време. По својата убавина особено се истакнуваат Аренас и Малвароса, кои се блиску до центарот на градот.
Што се однесува на традиционалната храна, никако не пропуштајте да пробате тапаси, кои се сервираат пред главното јадење, а ги има во сите ресторани. Во оваа храна се вбројуваат и разни видови сирења, печурки на жар, ракчиња во лут доматен сос и компири.
За љубителите на спортот, Валенсија, исто така, нуди одлични можности. Овде се одржува Гранд-при Валенсија, односно светски познатото натпреварување во Формула 1. Секако, тука е и стадионот „Месталја“ на кој се натпреварува еден од најдобрите фудбалски клубови во Шпанија, Валенсија или популарните „лилјаци“ (Ел-Че). „Месталја“ важи за еден од најжешките терени за гостување во Шпанија и претставува фудбалски храм на неговите верни навивачи. Овој стадион зад себе има голема историја – изграден е во 1923 година, а има капацитет од 55.000 седишта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст