Поранешната прва дама, сенаторка и државна секретарка на САД, Хилари Клинтон, официјално објави дека се кандидира за претседател на САД на изборите во 2016 година. Од страната на републиканците, пак, сенаторите Тед Круз (Тексас), Ренд Пол (Кентаки) и Марко Рубио (Флорида), исто така, ги фрлија шапките во арената за претседателските избори во САД.
Освен тројцата сенатори од таборот на републиканците, се очекува дека и поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, и сегашниот гувернер на Висконсин, Скор Вокер, ќе се вклучат во трката за претседателската позиција, но сè уште не објавиле официјално дека ќе се кандидираат.
На Хилари Клинтон ова ќе ѝ биде втор обид да влезе во Белата куќа. Во 2008 година, Барак Обама ја порази во битката за внатрепартиска номинација од Демократската партија.
Долгоочекуваната најава на Хилари за претседателски кандидат конечно се оствари. И покрај неодамнешните скандали поврзани со локацијата на серверот на нејзината приватна електронска адреса во Чапаква, како и возобновеното непријателско расположение на медиумите кон нејзината воинствена политичка машина која работи молчешкум, на Хилари мора да ѝ се признае дека има најголеми изгледи да го наследи Обама. Не е важно што единствените изборни победи кои ги има извојувано се во битките со еден конгерсмен и градоначалникот на Јонкерс. Во рамките на самата Демократска партија недостасува сериозна конкуренција, што значи дека патот на Хилари кон номинација и освојување на мандадот ѝ е расчистен и олеснет.
Но, има еден парадокс во срцевината на основните принципи на кампањата на Хилари. Најдобрата приказна која кандидатот на демократите може да ја застапува на изборите во 2016 година е дека демократската власт го спаси народот од економската криза која Републиканците ја предизвикаа пред осум години, дека економијата напредува со солидно темпо и дека доларот вртоглаво расте во однос на еврото, дури и при вртоглав пад на цената на нафтата. Сепак, токму сега е моментот да се види дали сите тие економски придобивки се однесуваат само на Волстрит и на големите банки, или, пак, не. Економското опоравување мора да биде синоним и за заздравување на средната класа.
Од идеолошки аспект, за да се презентира такво сценарио, Хилари Клинтон не е подобен избор. Се чини дека и многу партиски приврзаници се свесни за тоа.
Опоравувањето кое демократите го овозможија му донесе огромни добивки на Волстрит, а со тоа го продлабочи јазот на нееднаков приход. Токму тоа опоравување беше инаугурирано во 2008 година, кога тогашниот кандидат од Демократската партија ја победи Хилари Клинтон зашто имаше попрогресивни и покритички идеи од неа во однос на Волстрит.
Ќе беше поубаво ако Хилари беше претседателка осум години, ако спроведеше делумна здравствена реформа и ако економското опоравување го оставеше во наследство на тимот на Обама кој би ја наследил, а целта на неговата мисија да беше поправична поделба на капиталот во Америка. Ама, ете, не стојат така работите.
Хилари е позната по способноста уште повеќе да ги забрза работите кога ќе почнат да се влошуваат. При посетата на сенаторката Елизабет Варен минатиот октомври, Клинтон се обиде да звучи како прогресивна икона, па рече: – Не дозволувајте никој да ви каже дека корпорациите и бизнисите отвараат работни места. По само неколку дена, самата таа нудеше дополнителни објаснувања за таа изјава, за на крај да ја повлече.
Веќе подолго време се зборува дека во својата претседателска кампања Клинтон „ќе се кандидира како жена“, т.е. дека ќе ја заснова кампањата на полот. На тој начин, ќе ѝ биде лесно да ја поврзе нејзината лична приказна со платеното породилно отсуство. Некои мислат дека на овој начин може да успее и да ги намами републиканците да скокна во јама кога се работи за прашања за статусот на жените. Речиси е сигурно дека кај конзервативните медиуми тоа ќе го предизвика истиот презир и негодувања како во деведесеттите години. Десничарски настроените водители на дебатните радио емисии ќе ги охрабрат десничарските кандидати да „танцуваат“ по минското поле со „војна со жените“, а ним, пак, претседателствувањето на Клинтон би им било во полза.
Но, играњето на картата „жена“ не е доволно за претседателска кампања. Клинтон ќе мора да изведе тежок маневар. Ќе мора да се присети на деведесеттите – период кога огромните економски придобивки многу поеднакво се делеа, а притоа да држи до себе, а не да оди по чекорите на маж ѝ. Покрај сето тоа, ќе мора и да даде сè од себе за да не се претвори во Боб Доул – кандидат кој чезнее за старите добри времиња. Тоа би било исклучително катастрофално за неа ако противкандидат од републиканците ѝ биде Марко Рубио чија младост и национална припадост се вистински предизвик за иднината на Америка.
Хилари несомнено има силни страни. Електоратот на Демократската партија има многу поголема излезност при гласање на претседателски избор отколку на избори за конгресот, што резултираше со огромно мнозинство на републиканци во Конгресот. Во трката за претседател, Хилари ги регрутираше најдобрите кадри на Демократската партија. И понатаму е славна личност во самата партија, и покрај тоа што медиумите кои трагаат по новитети се помалку ентузијасти за нејзината кандидатура.
Сепак, Хилари Клинтон не е соодветна за изборната трка во 2016 година. Таа е кандидат кој се поврзува со минатото, а води партија која демографски наликува на иднината на Америка. Таа е кандидат од најфиниот слој на партијата, која е номинирана во време по движењето за окупација на Волстрит поради големите имотни разлики во Америка, моменти кога на Америка очајно ѝ треба поправична распределба на капиталот. Таа е кандидат за кој гласачите, всушност, и би можеле да се одлучат по Обама во време кога демократите нечујно се лути бидејќи мислат дека и самиот Обама се задоволил со помалку од тоа што можел да го даде од себе.
Којзнае, можеби и ќе ѝ се насмевне среќата ако републиканците повторно номинираат некој Буш.
Извори: „Си-Ен-Би-Си“, „Вик“
Превод: Марија Манасиева
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.