| четврток, 6 декември 2018 |

ЦСКА и Фенербахче пред пласман на фајналфор турнирот во Евролигата

Екипите на ЦСКА Москва и Фенербахче извојуваа убедливи победи во четвртфиналната серија од Евролигата и со водство од 2-0 над своите противници се наоѓаат на чекор до завршниот турнир во Евролигата.

CSKA Moscow vs Panathinaikos Athens

ЦСКА буквално го торпедираше Панатенаикос во вториот натпревар одигран во Москва во серијата подобар до три победи со 100-80. Моќниот тим на „армејците“ уште од самиот старт на натпреварот покажаа зошто се вбројуваат во најтесниот круг на екипи за освојување на овогодинешната Евролига.
Уште во првата четвртина повратникот во екипата Андреј Кириленко со три тројки од истотолку обиди ги сруши надежите на гостите од Атина за некаква сензација и го одведе својот тим на полувремето со предност од 12 разлика (47-35).
Во второто полувреме предноста на ЦСКА само се зголемуваше за да во четвртиот период достигне и високи 28 разлика.
Сони Вимс постигна 20 поени, а по 16 поени зад своите имиња запишаа Нандо Де Коло и Андреј Кириленко.

Fenerbahce Ulker and Maccabi Electra Tel Aviv

Фенербахче за разлика од првиот натпревар во кој извојува тешка победа со пресврт во четвртата четвртина, на синоќешниот натпревар влезе крајно мотивирано и од самиот почеток дојде до предност од 16 поени разлика (30-14) која рутински ја сочува за победа од 82-67 и водство од 2-0 над актуелниот европски шампион Макаби Тел Авив.

Избраниците на Жељко ОБрадовиќ во текот на второто полувреме имаа и предност од 22 поени, а Макаби не успеја ниту да се доближи за да го направи финишот од мечот поинтересен. Ендрју Гаудлок со 19 постигнати поени беше расположен во редовите на Фенербахче.

Следните натпревари се играат в понеделник на терените на Панатенаикос и Макаби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top