ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своите коалиции за овие локални избори се обединија како контрапункт на радикалниот настап на македонската сеалбанска коалиција за Кичево. Само настапот на кандидатот на ДУИ во САД во кој ја повика дијаспората „да дојде на гласање и со тоа да допринесе за создавање на голема Етничка Албанија, онака како што ги помагала сите проекти до сега“, е застрашувачки сам по себе и ја отсликува реалноста- за вистинските цели на УЧК во 2001, за вистинската потреба од територијалното (општинското) прекројување кое следеше, за „големоевропските идеи“ зад кои се затскриваа сите отворени големоалбански настапи уште од прославата на Албанското знаме.
Секој глас на овие избори е потребен за да се зачува целовитоста и унитарноста на државата пред настапите во паравоени униформи со оружје во рака, пред налетот на децениски заминати иселеници над гласачките кутии, пред идејата за “прошетка од Тирана, преку Струга, Кичево, Тетово, Скопје, низ Албанските територии“.
На тоа низ кампањата укажуваа и двата најголеми политички ривали кои и во услови на најголема политичка „закрвеност“, смогнаа сили да одговорат на барањето на државата, на одговорноста која од нив ја бара ситуацијата, кои што се обединија на браникот на државата и на меѓународните интеграции.
Европретставниците успеаја да ја смират политичката топка, да придонесат Македонија да го задржи патот, но и да покаже дека останала зрела при организирање фер и демократски избори. Но, само со масовна излезност на сите со право на глас, само со исполнување на најдрагоценото граѓанско право и должност, само со гласање на мирен и демократски начин ќе се осуетат сите оние идеи на кои можат да ја вратат Македонија со години на назад.
Доколку во иднина и се анализира „големата слика“ на овие избори, сега, одблизу битно да потсетиме дека гласањето на локалните избори е глас за најдиректна демократија. Глас за поддршка на идеите кои најмногу според вас прилегаат за непосредната околина, за вашата улица, за најблискиот парк, училиштето, инфраструктурата, културно општественото живеење, за соседите, децата, родителите, за сѐ она што претставува секојдневен живот.
Во нашето политичко милје, како и во другите земји секогаш има неопределени. Оние на кои не им се допаѓа ниту едната, ниту другата, уште помалку третата опција. Но, општествените констелации кај нас се поинакви и апстиненцијата значи многу повеќе од искажување револт. Тоа ќе чини многу повеќе, бидејќи на тие што не ѝ мислат добро на Македонија најмногу им одговара пасивноста на гласачите.
Денот на изборите е празник во демократските држави. Гласањето е празник на победата на слободата на граѓаните. Овој 24 март во Македонија не смее да отстапи од тој правец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


