| четврток, 6 декември 2018 |

Новите антикорупционери најавија транспарентно работење

antikorupciska novi 2015 (7)

Горан Миленков денеска е избран за претседател на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Миленков, на прес-конференција изјави дека на денешната конститутивна седница едногласно бил избран за претседател на Комисијата за спречување корупција.

– Длабоко сум убеден, како лично така и професионално, дека сите ние со своите професионални етички карактеристики и ангажмани и стручни искуства што го имаме секој зад себе, ќе ја постигнеме целосно целта на законот на кој почива работата на оваа Комисија за спречување на корупцијата – изјави Миленков.

antikorupciska novi 2015 (12)

Првиот антикорупционер најави транспаретна работа на Комисијата.

– Работата на Комисијата во овој состав ќе биде многу транспаретна, многу јавна. Ќе бидете известувани целосно, јасно, одговорно за сите преземени надлежности што се во рамки на Комисијата, во смисла на законот – рече Миленков.

Во врска со тоа дали Антикорупциската комисија ќе расправа за објавените наводно прислушувани телефонски разговори, Миленков рече дека тоа не било тема на денешната седница.

– Денешната седница беше прва наша конститутивна седница. Имавме две точки на дневен ред – тоа беше конституирање на новиот состав на Комисијата и втората точка беше избор на претседател. Ова што вие го прашувате сега не беше тема на седницата, но секако на другите наши седници, ќе треба да почнеме да работиме, па ќе ве известиме дополнително – одговори Миленков на новинарско прашање.

antikorupciska novi 2015 (14)

Не кажа колку предмети останале незавршени од страна на минатиот состав на Комисијата, ниту дали новите антикорупционери имале средба со нивните претходници.

Нови членови на Државната комисија за спречување на корупцијата се Горан Миленков, Игор Тантуровски, Најдо Спасевски, Сузана Таскова-Аџикотарева, Жаклина Дамческа, Сејди Халили и Фарије Алиу.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top