| четврток, 6 декември 2018 |

САД: Русија ги користи информациите како оружје

Членовите на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на Конгресот на САД на специјална седница упатија критики до Русија дека ги користи информациите како оружје и апелираа до американската Влада повеќе да вложува во медиумската пропаганда во светот.

Претседавачот на Комитетот, Ед Ројс седницата ја отвори со тврдењето дека „руската пропагандна машина работи со полна пареа на поткопување на демократската стабилност и на поттикнување на насилството во Источна Европа, како и дека американската медиумска пропаганда заостанува, објави рускиот сајт „Раша тудеј“.

Ројс како сведоци што ги изнесоа своите ставови пред Комитетот ги избра критичарите на Русија Питер Померанцев и Хели Дејл, како и поранешната новинарка на „Раша тудеј“, Лиз Вол, која даде отказ во живо во програмата на руската телевизија.

Овој избор на сведоци беше критикуван од републиканскиот конгресмен Дејн Рорбакер, кој изјави дека повеќе би сакал да „имаме барем една личност, која би донела баланс во расправата, со цел да го споредиме нашиот систем со рускиот и да утврдиме каква навистина е ситуацијата на тој план“.

– Русија врши голем напор да ја поддржи својата политика и да ги унапреди промени и своето влијание врз другите народи, во согласност со своите интереси. Би бил изненаден доколку тоа не би било така, изјави Рорбакер и потсети дека некогаш и самиот бил новинар и тогаш предупредил на можноста од враќањето на менталитетот на Студената војна.

– Не ни е потребна уште една Студена војна. Не би требало да заземаме  таков воинствен став – нагласи конгресменот.

Питер Померанцев од лондонскиот Институт Легатум изјави дека Русија почнала информациска војна против Западот, која ние сега ја губиме.

Американскиот лингвист и филозоф Ноам Чомски, пак, од своја страна изјави дека идејата дека постои мрежа, која допира до луѓето, а која не ги повторува американските пропаганди ставови е неподнослива за американскиот естаблишмент.

– Доколку Претставничкиот дом сака да го истражи користењето на медиумите како оружје, може да ги погледне насловните страници на весниците, кои ги добива секој ден – нагласи Чомски.

– Доколку ја погледнеме ситуацијата во Украина, можеме да видиме голем број проблеми од двете страни. Но тие тоа го толкуваат на начин дека ние сме во право во врска со сѐ, а кој не се согласува со нас, не е во право во врска со ништо, истакна американскиот мислител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top