| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ со 12 милиони евра ќе ги поддржи прекуграничните проекти меѓу Македонија и Албанија

соработка

Во Струга денеска беше промовирана новата ИПА-прекугранична програма помеѓу Македонија и Албанија (2014-2020)  во чии рамки Европската унија ќе одвои околу 12 милиони евра за проектите на двете држави.
Како што истакна министерот за локална самоуправа на Република Македонија Лирим Шабани, оваа програма претставува продолжение на првата што се реализира во периодот од 2007 до 2013 година.
– Верувам дека сме во завршна фаза и со успешен заклучок за реализираниот проект со околу 50 проекти во вредност од над 7 милиони евра. Вредноста на новата програма што ќе се имплементира од 2014 до 2020 година ќе биде околу 12 милиони евра. Области во кои ќе може да се аплицира се туризмот, екологијата, културата, инвестициите, зголемувањето на конкуренцијата, инфраструктурата… Се надевам дека многу брзо ќе пристигнат првите апликации и затоа ги охрабрувам сите субјекти од двете страни да аплицираат со колку што е можно поквалитетни проекти- изјави министерот Шабани.
Според него, со претходната програма и двете држави постигнаа напредок, имајќи ја предвид географската и демографската положба на пограничната линија каде, рече, е многу тешко да се вметнат инвестиции за економски развој.
– Преку претходната програма 2007-2013 година, Република Македонија искористи околу 80 проценти од ИПА фондовите. Успехот е видлив во сите области, меѓу кои и во економијата и вработувањето со што ја постигнуваме визијата на оваа програма, да го подбриме животот на граѓаните – додаде Шабани.
Министерката за европски интеграции на Република Албанија,   Клајда Ѓоша  нагласи дека вкупно 47 проекти од албанската страна преку претходната ИПА програма искористиле средства од  Европската унија.
– Со средствата преку ИПА програмата им се помага на оние зони што немаат големи инвестиции. Затоа ЕУ се фокусура во овие прекугранични области, за да помогне не само во развојот на инфраструктурата туку и во туризмот, културата, историјата на двете земји. Тоа е фонд којшто се става на располагање за да се отворат што повеќе работни места за граѓаните кои живеат близу границата на двете земји. Се надеваме дека со новата програма ИПА 2014-2020 ќе се искористат максимално фондовите со што ќе се овозможи повисок стандард на граѓаните од Албанија и Македонија – рече Ѓоша.
Амбасадорот на Европска делегација на Тирана Клиф Румболд  оцени дека од денешната средба во Струга ќе произлезат плодни дискусии во насока на уште поголемо и поефикасно искористување на европските средства преку новата ИПА програма за прекугранична соработка(2014 – 2020).
– Сме имале различни проекти со оваа програма во последните неколку години. Околу 6 милиони евра се инвестирале и се дале конкретни резултати за локалните бизниси и културните проекти, за проектите за соработка со граѓаните и донесовме уште поголема програма која чини околу 12 милиони евра. Сакаме да се осигураме дека проектите што ги предвидуваме во следните прогами ќе носат бенефит за луѓето на двете држави. Затоа се организира овој настан во Струга за да продискутираме за тоа што сме направиле досега и  како можеме да ги направиме работите уште подобри за да ги искористиме новите фондови. Мило ми е што од двата министри слушам добри работи за оваа програма – истакна амбасадорот Румболд.

На денешната промоција на новата ИПА програма за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија присуствуваше и амбасадорот на Европската унија во Македонија, Аиво Орав.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top