Претседателот Ѓорге Иванов денеска му ја додели наградата „Најдобар млад научник“ за 2014 година на Даниел Денковски, магистер по електротехника и информациски технологии.
– Како претседател на Република Македонија, но пред се како универзитетски професор, во секој поглед ја поддржувам науката. Затоа и го почнав проектот „Најдобар млад научник“, затоа сме денес тука, бидејќи цврсто веруваме дека инвестирањето во науката не е трошок, туку влог во развојот на државата – истакна Иванов пред почетокот на церемонијата.
Осврнувајќи се на наградата, Иванов нагласи дека комисијата секоја година се соочува со предизвикот, меѓу пријавените кандидати со вонреден квалитет да го избере најдобриот.
– Од пристигнатите пријави за најдобар млад научник во изминатите пет години, можам слободно да заклучам дека се работи за млади луѓе полни со иновативност, креативност, претприемништво, знаење и моќ, истакна претседателот Иванов.
Изразувајќи благодарност, Денковски рече дека признанието за него претставува огромен поттик и мотив за продолжување на неговата научна дејност и за постигнување уште подобри резултати.
– Би сакал да ги охрабрам младите луѓе во Македонија постојано да го продлабочуваат и надградуваат своето знаење и да се занимаваат со наука поради слободоумноста, возбудливоста и перспективноста на оваа дејност – посочи Денковски.
Признанието „Најдобар млад научник“ се доделува петта година со цел да се поттикне развојот на научната и истражувачката мисла особено кај младите македонски научници до 30-годишна возраст. Добитник на наградата за 2013 година беше биоинформатичарот Петар Стојанов, а во 2012 Катерина Бачева за истражувачка работа во аналитичката хемија и хемијата на животната средина. Најдобар млад научник во 2011 беше Трифче Сандев за работа во полето на физиката, додека во 2010 Никола Златанов, научник во областа на безжичните телекомуникации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево