Со над два милиони евра преку обуки и практиканство, во наредниот период ќе се даде поддршка за интеграција на младите лица до 29 години, долгорочно невработените и жените на пазарот на труд со цел полесно вработување. Средствата се обезбедени од ИПА програмата на Европската унија за реализација на проектот „Поддршка за вработување млади лица, долгорочно невработени и жени II“, кој беше промовиран денеска во Скопје.
– Со овој проект значително ќе се придонесе за надминување на невработеноста и поддршка на околу 5.000 невработени лица од овие категории кои ќе се здобијат со вештини барани на пазарот на труд- рече на презентацијата министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Додаде дека со вториот директен грант, ќе се придонесе за збогатување на активностите на Агенцијата за вработување како директна поддршка за невработените лица, преку активните мерки за вработување.
– Преку мерката практикантство ќе се овозможи 1.000 невработени млади лица до 29 години да посетуваат обуки за практикантство и на 1.000 лица да посетуваат обуки кај познат работодавач во реални работни услови. Исто така, предвидено е 2.000 невработени лица да се вклучат во обуките за општи вештини (учење на странски јазици и основни комјутерски вештини) и 720 долгорочно невработени лица во обуки за вештини дефицитарни на пазарот на труд од кои 220 лица ќе се вклучат во обуки за напредни ИТ вештини – појасни Спасов.
Според министерот за труд, невработеноста е еден од основните предизвици кој, како што рече, бара системски пристап, поради што е потребно преземање конкретни активности, ефикасни и суштествени политики со кои ќе се влијае на решавањето на суштинските предизвици и ќе се помогне во континуирано намалување на невработеноста, во борбата за создавање нови работни места.
Проектот што беше презентиран денеска, според Спасов, претставува директна поддршка на стратешките определби на Македонија од страна на ЕУ.
– Сите овие мерки кои ќе се реализираат со овој директен грант како и останатите проекти кои вродуваат со реални и солидни резултати како програмите за самовработување, субвенционирано вработување, различните видови обуки кои ги спроведува агенцијата, мерката за вработување на млади, како и новиот проект ”Македонија вработува” за кој очекувам да стапи во примена до крајот на месецов и да отвори нови работни места – рече Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски истакна дека на овој начин ќе им се помогне на сите невработени кои имаат потреба од стекнување дополнителни знаења и вештини за полесно вработување.
– Агенцијата овие мерки ги спроведуваше и порано со средства од Буџетот на Република Македонија. Тие се покажаа како доста успешни и затоа ги преточивме и во проект поддржан од Европската унија – рече Поповски.
Раководителот на Одделот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Македонија Мартин Клауке смета дека со обезбедување соодветни обуки и практиканство лицата од овие категории ќе се стекнат со знаења и вештини кои ќе им помогнат полесно да се вклучат на пазарот на труд.
На ваков начин, рече, сакаме да го подигнеме квалитетот на животот, социјалната инклузија и развојот на пазарот на трудот.
Проектот содржи две подкомпоненти и две компоненти. Првата подкомпонента се однесува на практиканството како поддршка за вработување млади до 29 години, а втората на обуки кај познат работодавач. Првата компонента пак опфаќа обуки за општи вештини, а втората обуки за стекнување вештини побарувани на пазарот на трудот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.