Подготовките за одбележувањето на 20 годишнината од воената акција „Олуја“ (Бура) во Хрватска поминуваат во знак на кавга меѓу политичарите кои никако да се договорат дали покрај настаните во Книн ќе се оддржи и воена парада во Загреб. До сега има повеќе предлози, а веројатно дека конечната одлука ќе биде на петти август, акцијата да се одбележи како и секоја година, во Книн, а во Загреб вечерта да се организира „воена парада“.
Прв предлог да се напушти традицијата на собирање на целиот државно политички хрватски врв во Книн потекна од претседателката Колинда Грабар Китаровиќ. Таа предложи „целиот“ програм да се опресели во Загреб, но критиките кои следеа укажаа дека е мошне недостојно да се заобиколи Книн.
Премиерот Зоран Милановиќ единствено прифати прославата да се одржи комбинирано, и во Загреб и во Книн, но на тоа замерки најде шефот на опозицијата Томислав Карамарко, кој е „само за Книн“.
Овие препирки се само дел од репертоарот на секојдневните судири меѓу новата претседателка и Милановиќ, кои се сложуваат само за едно- дека во ништо не се сложуваат. Милановиќ „додаде масло на огнот“, кога не се појави на разговорите кај претседателката околу галопирачката економска криза. Така и договорот околу начинот на одбележување на „Олуја“ ќе биде компликуван.
Околу програмата во Книн, пак, постои опасност повторно јавно да биде исвиркан премиерот Милановиќ, како што се случи лани. На негова сметка во последно време има се поголеми забелешки од бранителите, што секако ќе се искористи во Книн.
Нема очекувања дека може да се смени реториката, особено што се работи за јубилеј. За Хрватска, Олуја е ослободителна акција, најголемата воена операција на хрватската војска, акција која се слави како државен празник како ден на победата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.