Ако Велика Британија се определи за напуштање на Европската унија (ЕУ) на најавениот референдум, Гибралтер ќе побара да остане во Унијата. Ова го најави главниот министер на Гибралтар, Фабијан Пикардо.
Во разговор за лондонски „Фајненшл Тајмс“ Пикардо најави дека во случај на таква разврска на британско-европските односи, Гибралтар ќе побара посебни преговори за членство во ЕУ.
Повеќе од три века Гибралтар е британска прекуморска територија на крајниот југ на Пиринејскиот Полуостров. Територијата има своја Влада и силно развиени врски со ЕУ, кои за неа имаат исклучително значење. Секој ден преку гибралтарско-шпанската граница минуваат на работа во Гибралтар преку 30 илјади работници од Шпанија.
– Единствената реална закана за нас е излегувањето од ЕУ против нашата волја и неможноста за пристап кон единствениот пазар – вели Пикардо.
Предупредувањето од Гибралтар доаѓа по барањата од Шкотската национална партија (СНП) и велшката Плаид Кимру за организирање паралелни референдуми за британскиот излез од ЕУ и определување дека таквата одлука Лондон ќе може да ја донесе само доколку за тоа се определат сите четири делови на Обединетото Кралство.
Под притисок на евроскептичните пратеници во Конзервативната партија, нејзиниот лидер Дејвид Камерон уште пред петнаесетина месеци изјави дека ќе има референдум за напуштање или останување на Велика Британија во ЕУ. Референдумот би се одржал до крајот на 2017 година, по новите британско-европски прегвори, но само доколку конзервативците победат на изборите од 7 мај и сами формираат влада.
Освен антиевропската Партија за независност на Обединетото Кралство сите други британски партии се противат на референдумот и на напуштањето на Унијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.