| четврток, 6 декември 2018 |

Дали на Иран може да му се верува на збор?

iran

Поранешните држави секретари на САД Хенри Кисинџер и Џорџ Шулц во заедничка колумна во Волстрит џорнал го критикуваа американскиот претседател Барак Обама поради рамковниот договор кој неговата администрација го потпиша минатата недела со Иран. Тие оценија дека со тој рамковен договор американската администрација признава како опција употреба на воена сила, за Иран да се натера на послушност.

– Со комбинирање на итра дипломатија и отворен инает на резолуциите на ОН, Иран постепено ја наведува водата на своја воденица, кога се работи за преговорите. Бројот на иранските центрифуги е зголемен многу пати, од сто колку што беа на почетокот на преговорите, на денешни речиси 20.000. Опасноста од војна сега повеќе го ограничува Западот од Иран – напишаа Кисинџер и Шулц.

Иако Иран, самиот факт дека сака да преговара го третира како отстапка, оценуваат поранешните високи претставници, Западот се чувствува присилен да надмине било каква мртва точка со давање на нов предлог. – Во тој процес иранската нуклеарна програма дојде до фаза во која, како што официјално се тврди, два или три месеци е раздвојувана од производството на нуклеарно оружје – се наведе во колумната на двајцата дипломати и се потенцира дека според рамковниот договор, на Иран за десет години ќе му биде потребно најмногу една година да произведе нуклеарно оружје, а по една деценија, ќе му биде потребно многу помалку. Поранешните државни секретари на САД тврдат дека иако наводно ги почитуваат напорите на администрацијата на Обама, да ја ограничи иранската нуклеарна програма, главниот предизвик кога се работи за обезбедување на гаранции дека Иран не поседува атомска направа, е воспоставување на механизам на верификација, како што се бара и во договорот. Како што додаваат, компаративните нејаснотии се однесуваат на едногодишна можност Иран да го оствари потенцијалниот напредок.

– Бидејќи настана во релативно доцна фаза на преговорите, тој концепт ги замени претходните стандарди, а тоа е дека на Иран можеби нема да се дозволи да поседува технички капацитети кои се компатибилни со цивилната нуклеарна програма. Поради новиот пристап процесот на верификација се комплицира и станува политички, благодарение на непрецизноста на критериумите – пишуваат Кисинџер и Шулц.

Тие потенцираат дека во рамки на новиот пристап, Иран трајно не се откажува од никаква опрема, постројки или атомски производи со цел за почитување на предложените ограничувања. Како што укажуваат, на тој начин со нив се воведуваат само привремени ограничувања и заштита, што според нивна оценка е еквивалент на ставање на катанец на вратите на магацините или периодичните посети на инспекторите на одредени локации. – Физичкиот опсег на напорите е застрашувачки. Дали Меѓународната агенција за атомска енергија во техничка смисла и во смисла на човечки ресурси е дорасната на толку сложена и голема задача? – се наведува во колумната.

Уште едно прашање кое го поставија Кисинџер и Шулц, е дали на Иран може да му се верува дека ќе го почитува договорот кој Техеран ќе го потпише со Западот, со оглед дека во минатото ги кршеше меѓународните обврски. – Ќе биде многу тешко да се откријат прекршоците во земја која има повеќе уредувања и доволно искуство во криење на нуклеарните активности. Креирањето на теориски модели на инспекции е едно, а принудување на послушност од недела во недела, наспроти разни меѓународни кризи и пречки на домашниот терен е друго – оценија поранешните високи дипломати на САД.

Секој извештај за прекршоци најверојатно ќе покрене дебата за неговото значење, или дури ќе резултира со барање за нови преговори со Техеран, за да се проучи тоа прашање, прогнозираат авторите. – Искуството кога се работи за активностите на Иран на создавање на реактори со тешка вода во текот на периодот на преодниот договор, кога се откриени сомнителни активности, но се маргинализирани заради позитивна атмосфера во преговорите, не е охрабрувачки – заклучуваат Кисинџер и Шулц.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top