Македонија веќе подoлг период се соочува со временски прилики несвојствени за ова поднебје. Минатата година бевме сведоци на врнежлива пролет и нестабилно лето со обилни дождови. Оваа година, пак, се случи пролонгирање на зимата и доцнење на пролетта.
Од Управа за хидрометеролошки работи велат дека е речиси невозможно да се каже какво ќе биде времето деновиве или месеци однапред, но според нивните анализи очекуваат и оваа пролет да биде врнежлива со температури под просечните. Што се однесува до летниот период, постои веројатност за променливи и понестабилни временски услови, но, не се очекува да има промени во однос на температурите.
Температурата под просечната
Директорот на Управа за хидрометеролошки работи Оливер Ромевски, информира дека, според анализите на расположливите податоци и информации од европските и американските истражувачки центри за сезонските изгледи на времето и климата постојат изгледи за променлива, релативно влажна и врнежлива пролет во Македонија со температури под просечните за месец април како резултат на променливото и влажно време и во рамките на просечните за мај и јуни.
– Во однос на режимот на врнежите постои веројатност за појава на зголемени врнежи во однос на просечните во месеците мај и јуни, посебно во источните и југоисточните делови од Македонија. Посебен акцент треба да се даде на периодот во втората половина на април и почетокот на месец мај, кога поради зголемувањето на температурите на воздухот, топењето на снегот во планиснките области, високите површински и подземни води и евентуалните нови пролетни врнежи може да предизвикаат излевања во одделни речни корита, вели Ромевски.
Според него, постои веројатност, за променливи и понестабилни временски услови во претстојата летна сезона јуни-јули-август.
– Иако, во однос на температурите не се очекуваат поголеми отстапувања, карактеристично за овој период би била зачестената појава на нестабилни атмосферски услови, кои вообичаено се проследени со појава на краткотрајни поројни врнежи, засилен ветер, грмежи, град, а во одредени ситуации овие процеси можат да бидат и многу поинтензивни и да доведат до појава на локално невреме и поплави, вели Ромевски.
Променлива пролет
Тој објаснува дека еден од главните фактори кои го дефинираат времето во Европа и кај нас е Северо-атланската осцилација (NAO). Истата се состои од два центри на атмосферски притисок (висок над Азурите) и (низок воздушен притисок над Исланд).
– Промените во јачината и положбата на овие центри, значително ја менуваат патеката на млазната струја, која влијае на распределбата на температурите, врнежите и патеката на движење на циклоните и бурите над Европскиот континент. Поради побрзото загревање на Европскиот континент во текот на месеците април и мај, се зголемува разликата во температурата на воздушните маси и температурите помеѓу копното Европа и Атланскиот Oкеан. Овој температурен контраст создава разлика и во воздушниот притисок, кој во овој период во просек е поголем над северниот Атлантик отколку над Европа. Тоа придонесува за создавање зонален термички градиент во средните географски ширини (или т.н. западни ветрови) кој се одразува на општите временски и климатски карактеристики, вели Ромевски.
Тој потенцира дека поради тоа доаѓа до појава на влажни процеси во атмосферата, засилени продори на посвежи и повлажни воздушни маси од Атлантикот на Европскиот континент, кои носат освежување зачестено формирање на циклони, иницирање на бури и појава на зголемени количини на врнежи.
– Според тековните анализи постои висок индекс на NAO+, кое резултира со зголемен градиент на притисокот и појава на засилени западни ветрови и следствено до зачестени циклонски влијанија. Ова е еден од факторите кои условија променливи и влажни временски услови во Медитеранот и Југоисточна Европа, пролонгирање на зимските прилики и доцнење на пролетта. Во втората половина од месец април се очекува да продолжат променливите временски услови, но со пораст на температурите. Кон крајот на месецот не се исклучува можноста за појава на посуви и потопли временски услови посебно во јужните и југоисточните региони, информира директорот на Управата за хидрометеролошки работи.
– Во мај температурите се предвидува да бидат малку над просечните додека врнежите ќе бележат сосема благо зголемување во однос на просечните за овој период. Првата половина на мај се очекува да донесе потопли услови со повеќе сончеви денови, но и со услови за нестабилност и појава на повремени поројни врнежи. Според климатските предвидувања, овој тренд но со поблаг интензитет се очекува да продолжи и во втората половина од месец мај со температури во рамките на просечните. Во секој случај и покрај променливите прилики постои веројатност за посуво и потопло време посебно во јужните делови, вели Ромевски.
Според него, комбинацијата на влажната зима со обилни снежни врнежи, особено во планинските предели и влажните атмосферски процеси поврзани со појава на циклони и фронтални системи, ќе доведе до овој зголемен ризик за поплави во втората половина на април и почетокот од мај.
– Постепениот пораст на температурите ќе предизвика топење на снегот кој дополнително со нови врнежи и високо ниво на подземни води во одделни сливни подрачја ќе доведе до појава на ризик од поплави, вели тој.
Опасност од поплави
Ромевски вели дека голема е веројатноста за поизразени нестабилни атмосферски услови во текот на јуни, јули и август.
– Најголема опасност за појава на поплави се очекува во јужна и централна Италија, на Балканот, достигнувајќи далеку на север, во Унгарија и Словачка се на југ во Грција и западна Турција. Ова би довело до зачестена појава на нестабилни атмосферски услови, појава на облаци и поројни врнежи во делови на југоисточна Европа и Република Македонија, информира тој.
Според него, во периодот јуни-јули-август просечните температури би биле во рамките на просечните со можност само во североисточните области да бидат за нијанса пониски од просечните. Во однос на врнежите се наговестува релативно понестабилна и повлажна сезона која би била поизразена во периодот јуни-јули-август, посебно во југоисточните области од Македонија.
– Со зголемувањето на температурите во доцна пролет и рано лето, потенцијалната опасност од поплавите ќе се префрли на локализирани атмосферски влијанија поврзани со нестабилни атмосферски процеси, облаци со вертикален развој и појава на бури во југоисточниот дел на Европа вклучувајки ја и Македонија. Овие грмотевици ќе бидат придружени со појава на интензивни краткотрајни поројни врнежи, нагли поплави во одделни сливни подрачја, силни ветрови, атмосферски електрични празнења и град. Но, според сезонските предвидувања на Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF) нема отстапување во однос на врнежите во периодот мај-јуни-јули, вели Ромевски.
Во однос на температурите за овој тромесечен циклус постои веројатност за сосема благ пораст на температурите на приземје во однос на просечните. Анализата е дополнета со податоци добиени од климатскиот центар НОАА од САД, за сегашниот тренд и предвидувањата во однос на уште еден атмосферски феномен т.н. Ел Нињо-Јужна осцилација (ENSO), информира директорот на Управата за хидрометеролошки работи.
Според научните предвидувања, постои поголема веројатност (50-60%) да продолжат слабо до умерени услови на Ел Нињо на северната хемисфера во оваа сезона и во текот на летото.
– Иако, при Ел Нињо услови се јавува зголемена честина на појава на висок притисок над Европа во текот на летото, кое би довело до посуво и потопло време. Со вака изразено Ел Нињо не се очекува дека ќе има изразено влијание на временските системи во Европа. Сепак експертите сугерираат дека влијанието ќе продолжи во текот на пролетната сезона условувајќи суви услови во северните делови од континентот, и релативно повлажни услови во Европа и Медитеранот, вели Ромевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст