Русија планира да работи на нова вселенска станица заедно со САД. Се очекува дека во проектот активно учество ќе земат Европа и државите од БРИКС. „Руска реч“ поразговара со началникот на главниот вселенски ресор на Русија, Игор Комаров, со цел да дознае зошто земјите решиле да заборават на политичките несогласувања и како понатаму ќе се одвиваат меѓународните вселенски односи.
Русија и САД заедно ќе работат на создавање на нова вселенска станица, изјави на крајот на март првиот човек на федералната агенција Роскосмос, Игор Комаров. Според него, на проектот може да му се приклучат и сегашните учесници на МВС, но и други заинтересирани страни. Комаров за „Руска реч“ изјавува дека се надеваат на земјите-членки на БРИКС. Официјални извори од администрацијата на НАСА потврдија дека во врска со ова прашање се водат преговори, но, во исто време, велат дека страните не дошле до спогодба и ги обвинија руските медиуми, зашто некои фрази биле „извлечени од контекст“.
Вселенските војни се откажуваат
Неочекуваната изјава за создавање нова вселенска станица Комаров ја даде за време на заедничката конференција со првиот човек на НАСА, Чарлс Болден, на космодоромот Бајконур, од каде што неодамна на МВС замина нова мисија. Се чини дека во односите на двете земји настапи „вселенско ресетирање“.
Претходното Роскосмос се закани со запирање на својата работа на МВС од 2020 година. Се проширија гласови и за тоа дека Русија ќе создава сопствена национална вселенска станица. Сепак, сега сѐ е изменето. Згора на тоа, според Комаров, Роскосмос е подготвен да ја продолжи експлоатацијата на МВС до 2024 година, како што претходно предлагаше НАСА. Комаров подвлече дека одлуката за продолжување на ресурсот на МВС ќе биде донесена во 2016 година.
Оптимизација на буџетот
Причината за ваквото ненадејно зближување во вселената е желбата за оптимизација на програмата и за повеќе експерименти без дополнителни инвестиции, изјави првиот човек на Роскосмос. Според Комаров, НАСА предлага во експериментите на МВС да се привлече индустријата. „Сега ќе разгледуваме што можеме да им понудиме на најкрупните руски компании“, вели Комаров. Според него, станува збор за експерименти по биологија, по хемија, по металургија и во други правци.
Во рамките на последната мисија соработката на земјите-учеснички на МВС ќе биде потесна. „Се договоривме дека ќе определиме механизам за размена на информации, за заедничко користење на опремата што ја имаме ние и тие“, вели Комаров.
Ниту Русија, нити САД немаат доволно средства за самостоен научен прогрес, вели во интервју за „Руска реч“ професорот од Масачусетскиот технолошки институт Едвард Кроули. Програмите за освојување на далечната вселена, како и експедицијата на Марс, изискуваат големи трошоци, а од нив не може да се очекува исплатливост. „Заедно би можеле да решаваме многу повеќе задачи и, притоа, помалку да ги оптоваруваме нашите буџети“, забележува Комаров. Освен тоа, според него, развојот на меѓународната соработка дава елан и за работа со општите закани за Земјата, меѓу кои е и заканата од астероиди.
Стартно место за идните летови
Вселенската станица за која сега размислуваат Роскосмос и НАСА нема да биде едноставно „нов аналог на МВС“: технологијата отиде напред, а пред агенциите сега стојат други, многу посложени задачи. „Нема смисла да се дуплираат и да се копираат модули“ – смета Комаров. „Во перспектива, ќе се изменат функцијата на станицата и, соодветно, нејзините конфигурации“. Според него, станицата ќе биде алка за летови кон Месечината и кон другите планети.
Перспективите за користење на новата станица сега ја проучува група што е составена од земјите-учеснички на МВС. „Заедно ќе ја определиме архитектурата што треба да ја има оваа станица“, забележува Комаров. Притоа, модулите што ќе се разработуваат од руска страна, доколку е потребно, ќе обезбедат создавање независна национална орбитална станица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.