| четврток, 6 декември 2018 |

Православните верници слават втор ден Велигден

Православните верници денеска слават втор ден Велигден – Христовото Воскресение, најголемиот христијански празник, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

Воскресението Христово беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а вчера и денеска се одржуваат воскресенски литургиии.

Овој празник е спој на верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.

Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание.

Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение.

Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден денес е запазена во Светото Послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта.

Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воeдно ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и спасението.

Според хронологијата на христовите настани забележани во Евангелието, се знае дека на Велики Четврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристија е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има христовата крв.

Затоа црвената боја, симболизирајќи ја христовата крв од светата причест ги украсува велигденските јајца. Како што бојадисаните црвени јајца од Велики четврток се јасна најава за блискоста до Велигден, така и тогаш, на Велики четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

Според Светото предание се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца.

Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието.

Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господ Исус Христос. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено јајце и го поздравила со зборовите Христос Воскресе.

Потоа му раскажала за се што учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето.

Следејќи го нејзиниот пример, првите Христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат Христос Воскресе – Вистина Воскресе!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top