Здраво телефанатици. Порното е укинато! Не зборувам за еротиката на ТВ 1000 по полноќ, туку за српското „реално“ шоу во кое се сместени дваесетина дебили кои добиваат и по неколку илјади евра за да се тепаат, а уште некоја петстотка плус ако имаат секс.
Народ гладен, што да се прави, луѓево се отепаа од групни „зделки“, па конечно по неколку недели на српската радиодифузија ѝ текна дека тоа не е за емитување.
Проблемот овојпат, за чудо, не е во нашите телевизии, кои, замислете, првпат имаа до толку пристојност, па ниедна не го емитуваше шоуто.
Одиме кај една нова класа лешинари, кои до толку се без врска што не заслужуваат ни круг во пеколот – препишувачите. Би ги нарекле – преведувачи, ама и тоа не им оди зашто пола текстови им се со србизми и со грешно преведени реченици.
Се работи за класа „новинари“ кои работат за уште поголеми „уредници“, според кои е нужно да се ставаат вести за ова шоу иако го нема ни на кабловска или на дигитална телевизија кај нас.
Навреда е дури и овие „вести“ да се наречат вести. Со наслови од типот – „Јасмин, го сакам пополека и нежно – Седна врз него, па почна да се спушта…“, за луѓе кои не само што не ги знаеме, туку не ни треба да ги знаеме и поради кои изразот „златен Хитлер“ постои.
„Парови“ е укинат поради емитување содржини кои можат сериозно да му наштетат на физичкиот, менталниот или моралниот развој на малолетниците, ама само привремено – доволно за да се дуплираат „вестите“.
Србите ќе продолжат со истрагата за тоа дека вакви порнографски содржини не смеат да им се достапни на малолетни лица. Ние ќе продолжиме да им ги преведуваме вестите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.