Велигден е празник на семејството, на човечноста и на солидарноста, празник кој зближува и носи порака на заедништво, мир и разбирање. Таквитевредности се темелот на развојот во секоја област. Меѓусебното разбирање и почитта отвораат можности и даваат шанса за напредок.
Велигден е пред нас. Во екот на строгите пости пукаа „бомби“, луѓето се навредуваа, се повикуваше јавно на линч, се поттикнуваше омраза и, згора на сѐ, во екот на постите, црквата го смени својот тарифник – ги покачи цените.
А, сите го знаеме истото – се пости, се вапсаат јајца, се оди во црква… Дали постот е воздржување само од мрсна храна. Дали е најбитно вапсањето јајца и одењето во црква тој ден?Колку верниците ги почитуваат вистинските вредности на својата религија? Ги слушаат ли пораките?
Да не судиме по бројки
Велигден, од една страна, стана празник во кој сите гледаме бегство од секојдневието, можност да се отиде на продолжен викенд во соседна Грција. Сведоци сме на колоните возила на границите на секој празник… Будимка Поповска или, како што повеќето ја знаат, сестра Макрена, која беше игуманија на манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Берово, вели дека не постои начин да се измери ниту верата,ниту надежта,ниту љубовта. Нема нешто такво како Гајгеровбројач за ѕиркање во срцата на луѓето.
– Црквата не е институција, ниту е Бог некаде таму далеку на небото во некоја вонземна космичка управа. Токму,заради немерливоста, не е можно да подлежи на статистички пресметувања. Сепак,постои еден индикатор кој донекаде може да ви даде увид во надреалниот феномен на верата, а тоа е живиот етос на светителството. Тоа значи дека,практично, секој верник е светител, и тоа е тоа што го издвојува христијанството од останатите религии. А што е светителот? Светителите секогаш се перцепирале себеси за најголеми грешници во рамките на човештвото – вели таа.
Според неа, верниците ги слушаат пораките за Велигден и никогаш не треба да судиме врз основа на тоа што ни го кажуваат бројките.
– Во мигот кога ќе престане да биде жртва на сопствената осуда, човекот е подготвен да ја разбере љубовта, што значи дека веќе не му е гајле за неважните работи во животот, туку само за суштината. Љубовта, се разбира – коментира таа.
Обичаи наспрема религија
Во Македонија е практика одредени религиски празници да се поврзуваат со македонски традиционални обичаи. Со тоа, сметаат социолозите, постои опасност да се наруши суштината на христијанскиот празник. Според истражувањата на професорот по социологија на религија, Зоран Матевски, само 12-15 проценти од верниците ја имаат прочитано Библијата. Од седумдесет до осумдесет проценти од верниците ни се традиционални верници, луѓе што немаат религиска наобразба. Тоа би значело дека верниците не го познаваат вистинското значење на големите христијански празници. Верниците празнуваат во рамките на традицијата, вапсаат јајца, ама не знаат зошто. Одат во црква само на Велигден, Божик и слава.
– Многу малку се оди во црква на литургија, а и кога одат, не ни е многу организирана македонската црква од аспект на проповед. Ни преку проповед верниците не се запознаени со вистинското значење на Велигден. Единственото што го чувствуваат е дека треба да се собере семејството заедно. Преку Велигден ги афирмираат семејните вредности. Но, не и вредностите и љубовта кон роднините, кон останатите. Не гледаме пошироко кон роднините од аспект на тоа ако се сиромашни, да им помогнеме, да се дружиме со нив, како што е кај исламот. Кај нив на Курбан-бајрам дел од јагнето се дава на сиромашните – вели професорот, според кого кај православните верници не е доволно осознаена таа љубов кон луѓето, тој говор на проштевање кон другите.
Во строг пост христијанин фрла грозоморни бомби
– Недозволиво е во време на пост, христијанин на христијанин да ви фрла грозоморни бомби. Малку да има памет лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ќе рече јас ова не го правам за време на пост. Ова е цело време во текот на строгпост. Ова е подривање на религијата, на демохристијанскиот принцип, на културата, на традицијата. И не е војна меѓу христијаните и муслиманите, војна е меѓу Македонците и Македонците, православен и православен. Тој растура сѐ. Градејќи го ова за време на пост, ние доаѓаме до социолошко-психолошкиот момент – карајте се, убивајте се, Македонци не сакајте се. Ајде ќе се удавиме сите меѓусебе. Направи таква методологија, за време на пост го разруши принципот. Сето тоа што го градела ВМРО-ДПМНЕ како демохристијанска партија, тој го разруши за време на строг пост – вели Божиновска.
Луѓето воопшто не го перцепираат постот така како што треба. Постои календар, еден ден се пости на вода, еден на зејтин. Никој не отвора календар за да види како треба. Постот, во принцип, е само подготовка за исповед, да се покаеш за сите грешки. Ако не се исповедаш, постот има само улога на одмор на организмот од храна и од алкохол.
– Луѓето кога постат воопшто немаат осознаено дека постот од храна, во основа, значи и духовен пост, смирување на душата. Постат, се воздржуваат од мрсна храна, но не се воздржуваат од лош збор, од караници, од конфликти. Треба добра волја кон другиот православен верник. Велигден е шанса да се запрашаш какви гревови си направил, преку исповед да се покаеш за гревовите и преку причест од првиот ден Велигден да влезеш како нов човек. Ако се пости, а се продолжува со конфликти, тогаш ја нема суштината. А, суштината на Велигден е дека Исус ни дава шанса на сите преку покајување да ни се простат гревовите – коментира професорот кој долги години ги истражува релациите меѓу религијата и верниците.
Проповед за подобра врска со верниците
И професорот Матевски и Валентина Божиновска, претседателка на Комисијата за верски заедници, се согласуваат дека недостига проповед во црквата, кој, всушност, е врска меѓу верниците и црквата.
– Црквата мора да го најде патот како теолошки да ги едуцира луѓето. Постои јаз, за кој се свесни и луѓето од МПЦ. Мора да има проповед на секоја неделна литургија, но под проповед не се мисли на две ливчиња кои ќе се прочитаат. Мора да се зајакне веронауката во црква. Во училиштата има премалку веронаука. Ако веќе има веронаука, мора да се прошири и на средно образование. Со теолошкото едуцирање ќе ја дофатат врската. Само 10 проценти од верниците одат на неделна литургија. Монаштвото е најголема шанса. За Велигден во Бигорскиот манастир одат 2.000 луѓе на литургија. Мора МПЦ да расчисти со традицијата. Нема колење јагниња, нема осветување куќи со курбани. Врската е загубена затоа што немаме теолошко обучени граѓани. МПЦ мора да излезе од традицијата. Традиционален верник не е прав верник. Не ти вреди ако не ја знае суштината. Мора да знае зошто го празнува Велигден. Според истражувањето, само 17-18 проценти знаат зошто се слави Велигден. Во Полска знаат дури 92 проценти. Во Грција 75, во Србија 56 проценти. Само Бугарите се зад нас – коментира професорот.
И Валентина Божиновска е со исти став. Таа го споредува односот на верниците во Грција со односот на верниците во Македонија.
– Во Грција во недела е најсвечениот миг. Фамилијатаоди во црква, по што, за да се одржи семејството,седнуваат на кафе и на слатко, не се враќаат дома. Седнуваат за да поминат време со семејството, да ја прокоментираат пораката на свештеникот. Кај нас го нема тоа – вели таа.
Според неа, по секоја литургија треба да има пригодна беседа која секогаш ќе биде со различна содржина и која ќе биде паралелна со актуелните мигови во државата.
– Ние мора да тргнеме фамилијарно да ги чествуваме литургиите. Така е во Русија, така е во Чешка. Тој дел ни недостига. И кај нас има неделни литургии, но нема беседа, што е најважната работа– вели Божиновска.
(Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст