Прстените од чисто злато, наметките од кадифе и крзното од хермелин веќе не се во мода во Ватикан. Во мода е понизност. Новоизбраниот врховен поглавар на Католичката црква одбива да се покори на традицијата на луксузна облека и воведува едноставен стил.
Од моментот кога излезе пред собраните верници пред Сикстинската капела за да ги поздрави како нов папа, разликата меѓу Хорхе Марио Бергољо и неговиот претходник Бенедикт Шеснаесетти беше многу јасна. Неговата бела наметка е едноставна, без тантели и набори, а наместо традиционалниот златен крст, одбра железен, кој го има откако бил именуван за помошник на бискупот на Буенос Аирес во 1992 година.
Папата, исто така, избра скромен папски прстен од сребро, кој е изработен пред неколку векови наместо да дозволи да се направи прстен специјално за него. Папскиот или рибарски прстен досега бил од злато со слика на свети Петар во чамец, кој фрла мрежа и со името на папата кој го носи. Но, Бергољо избра прстен од сребро, кој го изработил Енрико Манфрини, а на кој е изгравиран ликот на свети Петар, кој ги држи клучевите од рајот.
Овие гестови на новиот папа се толкуваат како моќна порака дека Франциск сака да појде во насока на обнова на црквата: со својата скромност тој му оддава почест и на светецот Франциско Асишки, кој го одбил семејното богатство и одлучил да живее едноставен живот.
Новиот папа, исто така, го одби стариот обичај да носи црвени чевли, кои симболизираат католички маченици, и се одлучи да носи чевли со црна боја, кои му ги подарил еден покоен пријател. Како што е соопштено од Ватикан, тогаш надбискупот на Буенос Аирес, Бергољо, на конклавата дошол со скинати чевли. Пријателот му рекол дека со такви чевли не може да оди никаде, па му купил нови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.