| четврток, 6 декември 2018 |

Хашим Тачи: Идејата за Голема Албанија е смислена во Србија!

Идејата за голема Албанија е смислена во Србија и нема никаква врска со Албанците, изјавил косовскиот министер за надворешни работи Хашим Тачи, еден ден откако Белград и Брисел ја осудија изјавата на албанскиот премиер дека Косово и Албанија порано или подоцна ќе се обединат. Еди Рама во вторникот за косовската телевизија Клан Косова изјави дека обединувањето на Албанија и Косово е „неизбежно“, или преку членство во Европската Унија или надвор од неа.

-Идејата за голема Албанија не ја смислија Албанците, туку непријателите на Албанците“, кажал Тачи. „Белград погрешно го интерпретираше Рама… Влегувањето во ЕУ е воља и желба на граѓаните и политичките лидери на Косово и Албанија, на сите Албанци, додал потпретседателот на косовската влада.

Србија и Западот се многу чувствителни кога се зборува за обединувањето на Албанија и Косово, можност која западните сили ја исклучија кога во 2008 година го поддржаа едностраното прогласување независност од Србија.

Изјавата на Рама во Белград го осудија како „провоцирање војна“ и „поттикнување нестабилност во регионот“, а ЕУ предупреди дека провокативните изјави се неприфатливи и ги потсети земјите од југоисточна Европа на обврската за регионална соработка и помирување.

Тачи тврди дека договорот за нормализација на односите со Србија се спроведува и дека локалните Срби се интегрираат во полицијата, судството и правосудството на најмладата европска држава и порачал дека „српскиот сон за отцепување на дел од Косово е засекогаш завршен“.

-Нема да има автономија на тој дел од Косово, ни „Република Српска“ ни поделба на Косово. Настојувањето на Србија да го подели Косово би било многу опасно бидејќи секоја земја во регионот има по една Митровица“, истакнал Тачи мислејќи на градот кој е симбол на етничката поделба на Косово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top