Националната скрининг-програма за рано откривање на рак на дојка која ја почна министерството за здравство на 7 април, на Светскиот ден на здравјето се реализира во повеќе градови низ државата.
Македонија е 27. земја во светот која воведува ваква скрининг-програма согласно европските и светски стандарди.
Мамографскиот скрининг претставува периодично правење на мамографија на навидум здрава жена без присутни симптоми на рак, со цел откривање на заболувањето во неговиот претклинички стадиум. Мамографскиот скрининг е бесплатен за секоја жена.
-За почеток, скринингот се врши во вкупно 17 јавни здравствени установи низ државата кои се опремени со апарати за мамографија (ЗД Железничар, ЗД Скопје, ГОБ „8 септември“, Здравствена станица Железара, ОБ Велес, КБ Битола, ЗД Неготино, ОБ Струмица, ЗД Вевчани, ЗД Свети Николе, ОБ Струга, ЗД Кратово, ОБ Кичево, ЗД Ресен, ЗД Берово, КБ Тетово, ЗД Пехчево). Потоа, во проектот ќе бидат вклучени и Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, како и болниците во Охрид, Прилеп, Кавадарци, Кочани и Штип, за кои веќе е во тек набавката на нови мамографи со средствата кои ги обезбедивме од остварените заштеди од набавката на инсулини и ленти за мерење на шеќер. Скринингот го вршат обучени технолози и доктори-специјалисти во областа на радиологија – изјави Никола Тодоров, министер за здравство.
Според информациите од јавните здравствени установи, за само два дена низ целата држава се извршени речиси 200 скрининзи.
За денес се закажани вкупно 148 скрининзи во јавните здравствени установи низ државата.
Првично, со мамографскиот скрининг ќе бидат опфатени жените на возраст од 50 години (околу 14.000 жени), кои се асимптоматски (навидум здрави) жени и кои, согласно податоците од системот „ Мој термин“, не направиле мамографска контрола во последните две години. Планирано е до крајот на 2016 година на мамографски скрининг да бидат поканети околу 250.000 жени на возраст од 50-69 години . За почеток, повикувањето за мамографски скрининг го вршат установите телефонски, а понатаму ќе се воспостави практика на писмено известување со адресирана покана до секоја жена која спаѓа во предвидената возрасна група. Прегледите се закажуваат во точно определени термини, и вообичаено во работните денови термините се после 14 часот, а во некои установи се дефинирани термини и за викенд. Во просек, во установите каде има поголем број доктори-радиолози дефинирани се околу 160 термини за мамографски скрининг месечно, додека во останатите околу 80 термини месечно .
За оваа активност веќе се информирани и матичните лекари, а ќе бидат изготвени и едукативни материјали со цел поголем одѕив за скринингот кај оваа категорија жени. Исто така, секоја заинтересирана жена која спаѓа во оваа возрасна група може да се обрати до Министерството за здравство на телефонскиот број (02) 15 444 или на мејл-адресата:mamografijaskrining@zdravstvo.gov.mk и да остави податоци за контакт, додаде Тодоров.
Мамографскиот скрининг е особено значајна мерка за заштита на здравјето на женската популација, особено на жените кои спаѓаат во поризична група за појава на рак на дојка. Ова е најчестото малигно заболување кај жените, кое според статистичките податоци се појавува кај секоја 8-ма жена во светот . Со откривање на заболувањето во рана фаза, значително се намалува стапката на смртност, а токму организираниот мамографски скрининг е една од најзначајните мерки за рано откривање на рак на дојка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Најрано мамографија во Скопје може да направите во декември, ако сакате порано, тогаш одите во Ресен!
-
Четири лоши навики кои предизвикуваат рак кај жените
-
Проговори докторката на Анџелина Џоли: Рак на дојка всушност почнува со исхраната, еве како да го спречите!
-
Го пиеме секој ден, а може да предизвика рак на дојка?