Византион, Константинопол, Цариград, Истанбул… Град познат по многу имиња и повеќе од 3.000 години богата историја. Истанбул е единствената метропола која се простира на два континенти – Европа и Азија – и ниеден друг град на светот не може да се пофали со неговата положба на мост меѓу Истокот и Западот. Во овој мозаик на различности, кој живее со забрзано темпо, ќе ве сретнат древни градби, султански раскош, ориентален дух на чаршиите, но и модерни згради, поради што се смета за најкосмополитски град во Турција.
Eвтините понуди на туристичките агенции не се секогаш исплатливи
Дефинитивно, најдобра опција за патување до Истанбул е авионскиот превоз. Чини повеќе во однос на автобускиот, но ќе ги избегнете долгиот пат, царините и неудобноста на автобусите. Цената на повратен билет за авионски превоз од Скопје до Истанбул се движи меѓу 100 и 160 евра, за неколку дена, но и во зависност од тоа во кој период од годината ќе одлучите да патувате, на кој датум или преку која авионска компанија.
Секако, доколку немате желба вашето патување да биде со авион, на располагање имате многу туристички агенции кои нудат поволни аранжмани, а вклучуваат автобуски превоз, хотелско сместување и организирано разгледување со локален водич. Такви аранжмани има многу и со различни цени, се наоѓаат понуди и за 50 евра. Но, пред да изберете некоја од евтините понуди за Истанбул, добро информирајте се бидејќи се големи шансите поради ниската цена, да добиете лош автобуски превоз, неорганизираност во турите и сместување кое не е ни блиску до пристојно.
Вообичаената цена само на автобуски билет на релација Скопје – Истанбул изнесува околу 30 евра во еден правец, додека повратниот билет чини околу 50 евра, во зависност од тоа со кој автобуски превозник ќе се одлучите да патувате.
Кога веќе ќе пристигнете во оваа турска метропола, веднаш ќе сакате да почнете со разгледување и посета на знаменитостите. Ако одлучите сами да си ја организирате обиколката, во оваа метропола имате голем избор на јавен транспорт, од градски автобуси до трамваи, метроа, бродови (кои чинат околу едно евро), мини-комбиња или поскапа варијанта – такси. Некои од позначајните знаменитости во стариот дел на градот се наоѓаат блиски еден до друг, па до нив може да стигнете и пеш.
Крстосувајте по Босфор и уживајте со турско кафе и со локум
Во Истанбул има преку 215 музеи и невозможно е сите да ги обиколите за неколку дена, но кога сте во стариот дел на градот, никако не пропуштајте да ја посетите неверојатно убавата црква од 6 век „Света Софија“, која била и џамија, а сега е претворена во музеј. Блиску до неа се наоѓа прекрасната палата Топкапи, некогашно главно седиште на администрацијата на Отоманската империја, а денес музеј во кој се наоѓа непроценлива колекција на споменици и многу други уметнички дела. Раскошно издание со повеќе од 400 соби, со прекрасни градини и поглед кон Босфор. Оваа палата е зачувана во целост и важи за една од најголемите и најубави туристички атракции во светот.
Вредна за посета е и Султанахмедовата џамија, позната како Сината џамија. Изградена во периодот меѓу 1609 и 1616 година, таа е голем муслимански храм во Истанбул. Многумина ја знаат како Сината џамија бидејќи луѓето од Западот почнале да ја нарекуваат со тоа име, па називот останал во употреба иако не е оригинален. Во оваа џамија влезот е бесплатен.
Во близина на овие обележја се наоѓа и Капали чаршија со премногу тезги и гласни трговци кои, колку и да сакате да ги игнорирате, секогаш ќе најдат начин да ви го привлечат вниманието кон својата стока. Чаршијата е една од најголемите и најстари покриени пазари во светот, каде што се продава различна стока, најмногу накит, керамика, облека, зачини, теписони и разни дреболии.
Покрај овие културно-историски знаменитости, не може да не се спомне величенствениот дворец Долмабахче. Некогашна резиденција на султаните, а подоцна и на големиот турски реформатор Кемал Ататурк. Во овој дворец и денес престојуваат турските државници, како претседателот или премиерот, кога се во посета на Истанбул. Распослан на површина од 45.000 квадратни метри, изграден е во мешани стилови, и тоа неокласицизам, барок и рококо, а сето тоа е испреплетено со традиционалниот отомански стил. Опкружен со фантастични градини, фонтани, зелени површини и прекрасен поглед кон Босфор, овој дворец нема да ве остави рамнодушни.
По разгледувањето на некои од вредните знаменитости, заслужено ќе се одморите со крстосување по Босфор. Чувството е посебно, со убави пејзажи, особено ноќно време кога целиот град изгледа како од бајка. Може да се одлучите и за друга варијанта. Направете пауза во некој од рестораните и пробајте ја вкусната турска кујна, особено традиционалното турско кафе со локум, баклава, ѓеврек, чај и уште многу други специјалитети кои ги имате на располагање. Такво уживање можете да си дозволите на плоштадот „Таксим“, кој е еден од најпознатите во градот. Таму се наоѓаат голем број ресторани, продавници, хотели, па постојано се чувствуваат раздвиженоста, живоста и динамичноста на луѓето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.