Оваа недела почна 38. издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“. Сојузот на композиторите на Македонија е организатор на манифестацијата, па кажете ни кои сè уметници ќе настапат до 9 април бидејќи се најавени многубројни настапи од земјава и од странство? Што може да очекува публиката на ова издание?
Петровски: На „Денови на македонска музика“ публиката ќе може да проследи девет концерти со домашни и со странски исполнители: Младински супероркестар, ансамблот „Контемпора“, Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Камерниот оркестар на Битола, како и гости од Унгарија, Германија, Белгија, Србија, Словенија и од Канада. Покрај наведените, СОКОМ секогаш се обидува да најде простор за најмладите, па во таа смисла традиционално ќе се одржи концерт на млади композитори, но и на Мандолинскиот оркестар „Скопје“. Сите овие ансамбли ќе го претстават најновото македонско професионално творештво, со што ќе имаме можност да ги проследиме различните творечки трендови и насоки.
На свеченото отворање во Македонскиот народен театар ќе настапи „Младинскиот супероркестар“. Тоа е заедничкиот проект на музичките училишта од Словенија, Србија и од Македонија. Кажете ни за што поконкретно станува збор и со кои композиции ќе се претстават?
Петровски: Станува збор за меѓународен проект предводен од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во кој се соединети исполнителните капацитети на младинци од повеќе музички училишта од Македонија, Србија и од Словенија во „Младински супероркестар“. Оркестарот неодамна настапи во Љубљана со истата програма, која публиката ќе има можност да ја проследи и во Скопје, а тоа се типични народни танци од сите три држави.
Минатата година Министерството за култура за првпат објави конкурс за откуп на дела од областа на класичната музика, кога беа поддржани вкупно 42 композиции на 27 автори. И оваа година Министерството објави оглас за откуп на музички дела. Сметате ли дека на овој начин се стимулираат композиторите, македонската музика… Се создава ли на овој начин конкуренција (во творечка смисла) меѓу авторите?
Петровски: Несомнено е дека резултатите од конкурсот на Министерството за култура даваат исклучителни резултати. Впрочем, самиот модел беше создаден во соработка со сите значајни музички институции во државата земајќи ги предвид и потребите на авторите, но и потребите на институциите. Голем дел од наградените дела ќе можат да се проследат токму во рамките на фестивалот, но и во текот на целата година. Самиот податок дека бројот на создадени дела е зголемен неколкукратно, говори за нивната стимулација.
Законот за хонорари предизвика бранувања во јавноста. Во меѓувреме претрпи неколку измени. Со него се опфатени и музичарите, изведувачите. Сметате ли дека тоа ќе се одрази на творештвото и на изведувањето во иднина?
Петровски: Не верувам дека ќе влијае врз творештвото бидејќи тоа е креативен чин, кој не е директно поврзан со финансиски бенефити. Како композитор, не можам да дадам стручно мислење за неговите економски и социјални ефекти во државата, иако е несомнено дека последната верзија на законот е подобра во однос на претходните. Сепак, меѓу уметниците се чувствува генерален револт и скептичност, не само поради обврската за дополнително плаќање, туку и поради административните обврски што се наметнати со законот.
Како прв човек на СОКОМ, како гледате на статусот на музичарите во денешно време?
Петровски: За жал, денес не може да се даде мислење со неутрална политичка нота, а уште помалку така и да се сфати од тие што го читаат/слушаат. Меѓутоа, статусот на музичарите денес е различен кај различни профили музичари во зависност од нивната вештина да се организираат и да се изборат за својот статус. Дури и во уметноста мора да постојат луѓе и организации што мора да дејствуваат на политичко-културно ниво со цел постојано да се надградува статусот на уметниците. Тоа не ништо повеќе од систем на комуникација, соработка, споделување на идеи и наоѓање полезни решенија. Некои го прават тоа поуспешно, некои не. Несомнено е дека статусот на музички уметници бележи значителен пораст во изминатите неколку години, не само во поглед на платите и на финансиската поддршка од државните институции, туку и според сопствените креативни и квалитетни потфати успеаја да се наметнат како значителни субјекти без кои музичката сцена, едноставно, не може да функционира. Од друга страна, пак, може да се забележи извесна неправда во однос на платите, особено на професорите на ФМУ – Скопје, кои не само што земаат помала плата во однос на другите два државни музички факултета, туку често нивните студенти, кои штотуку дипломирале, имаат еднаква или повисока плата во определени институции. Значи, не можеме да дадеме воопштуваме работите без да го погледнеме контекстот. Благодарение на слухот на институциите и искрената желба да ја придвижат музичката култура, статусот на музичарите несомнено бележи голем пораст во изминатите години, но сè уште има простор за подобрување и за балансирање меѓу различните групи уметници.
(Разговараше: Невена Поповска
Текст објавен во 135. број на неделникот „Република“, 3.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сони Петровски: Да поништиш конкурс со објавени резултати затоа што вие сте згрешиле некој небитен рок е глупост од катаклизмичен размер
-
Почнаа читачките проби за мјузиклот „Тајно моја“, во чест на Тоше
-
Најавени нови програмски содржини на „Мајски оперски вечери“
-
Сони Петровски реизбран за претседател на СОКОМ