| четврток, 6 декември 2018 |

Велигденските празници се можност да добиете некој килограм повеќе, како да не се здебелите?

Велигденските празници се одлична можност за одмор, уживање со семејството и со пријателите, но и за да добиете некој килограм повеќе. Доколку се плашите дека ќе се здебелите од вкусната велигденска трпеза, еве неколку совети што ќе ви помогнат да не дојде до тоа.

Не прескокнувајте го појадокот! Денот почнете го со незасладен зелен чај, потоа изедете некое сезонско овошје, најдобро грејпфрут, кој е одличен за забрзување на метаболизмот.

По половина или еден час од појадокот изедете еден грст сурови бадеми. Вака „нахранети“ би требало да можете да издржите до ручекот, без, во меѓувреме, да посегнувате по некои ужини.

Пред да седнете на празничната трпеза, испијте една чаша вода со неколку капки лимонов сок. Помага и чаша газирана минерална вода, но, секако, подобра е таа без меурчиња.

За време не ручекот, земете од сѐ што ви се допаѓа по малку. По малку! Тоа значи половина шницла, два ќебапа, едно пилешко крилце, но затоа салатата и варилото, секако, и велигденските јајца можете слободно да ги консумирате без страв дека ќе ја уништат вашата линија.

Важно е во чинијата да ставите сѐ што сте планирале да јадете за да имате увид во количината. Ставањето едно по едно вид јадење во чинијата е опасно бидејќи на тој начин не знаете колкава количина, всушност, сте изеле.

Не мора да се откажете од вкусниот десерт на крајот од оброкот. По една чаша алкохол, најдобро би било црвено вино, бидејќи има помалку калории од другите алкохолни пијалаци, можете да се почестите со половина парче торта или еден мал колач.
Кафето ќе го забрза варењето на храната, а доколку по јадење ги измиете забите со паста која има вкус на мента, ќе ја ублажите потребата да продолжите да јадете.

До вечерата уживајте во лимонада, цедени овошни сокови, зелениот или чај од нане, а потоа бидете посебно дисциплинирани. Во својата чинија ставете само еден вид јадење, тоа што најмногу го сакате, и тоа во количина што е доволна за детска порција.

Доколку имате услови за тоа, прошетајте по вечерата.

Тие што ќе се прејадат еден ден од празникот, наредниот би требало да пијат колку што е можно повеќе течности (зелен чај или некој од тие што се продаваат за забрзување на варењето и исфрлување на течности од организмот), да се држат до овошјето во претпладневните часови, и до зеленчукот за вечера.

Навремено снабдете се со зелка, ’рдокви, цитрусно овошје, бидејќи тоа се продукти што можете да ги грицкате секогаш кога ќе ве нападне глад.
Сепак, празниците не траат вечно. Можеби, сепак, треба да се отпуштите и да уживате, а да се ставите на диета првиот работен ден?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top