| четврток, 6 декември 2018 |

Производителите на млеко се обединија во кооператива

mleko

Повеќе од 15 фарми производители на млеко од неколку реони низ Македонија и официјално се приклучија кон првата кооператива за млеко „Милкооп“, со што станаа нејзини партнери и основачи.

Функционирањето на „Милкооп“ е верифицирано и од Министерството за земјоделство, а ќе работи во согласност со законските прописи и националната стратегија за развој на производството на квалитетно домашно млеко.

– Се здруживме за да си помогнеме сами на себе, подобро да ги искористиме сопствените производствени потенцијали, да дојдеме до подобар квалитет на млекото, како и до посигурен и гарантиран откуп по прифатливи цени. Очекуваме за кратко време кон нашата кооператива да се приклучат и нови фармери, „Милкооп“ да окрупнува и да прерасне во сериозен откупувачки центар на млеко, кој ќе работи, пред сѐ, во интересите на македонските фармери – изјави Мартин Трајчев, менаџер на „Милкооп“.

Од „Милкооп“ најавуваат подобра организираност, развој и сигурност во работењето на фармерите, производителите на млеко, како и нивно окрупнување и подобра позиција во преговорите со преработувачките центри на млеко.

– На фармерите ќе им биде понудена квалитетна добиточна храна на одложено плаќање по прифатлива цена, обуки за хигиена на фарма и исхрана на кравите, правни совети, ветеринарни совети, проверка на квалитетот на млекото, но и помош околу обезбедувањето субвенции од страна на државата. Млекото ќе се продава на оние преработувачи на млеко што ќе обезбедат најдобри услови за откуп врз основа на реални економски параметри – соопштуваат од „Милкооп“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top