Министрите за надворешни работи на Македонија, Србија, Грција, Унгарија и Турција, во вторник во Будимпешта, ја потпишаа заедничката декларација за учествуво во проектот за изградба на гасоводот „Турски тек“. Сите кандидати за учество во проектот ја потпишаа заедничката декларацијата за економски оправдан пат за диверзификација на правците и изворите за транспорт на природниот гас од Турција до европските земји.
Конкретното учество на секоја од страните во проектот на „Газпром“, кој го замени „Јужен тек“ ќе биде одделно разгледувано со гасниот монопол.
Бугарија, каде требаше да поминува трасата на еднострано прекинатиот од Москва „Јужен тек“, не беше поканета на средбата, што предизвика опозицијата да побара објаснување за ова прашање од премиерот Бојко Борисов во парламентот.
Борисов не му даде значење на овој факт и пред новинарите искоментирал дека, сите министри за надворешни работи можат да се собираат, да зборуваат, и тоа дека не ги поканиле бугарскиот и романскиот министер за надворешни работи, да има толкување, но се надева дека евроатлантските партнери исто така имаат свои толкувања.
-Македонија е суверена држава, исто како и Србија,Унгарија, Грција и Турција. Некои се наши партнери во НАТО, во ЕУ, може да се сретнат, да си зборуваат не само за „Турски тек“, туку за се што сакаат – додава Борисов.
Тој повторно посочи дека бугарски приоритет е изградбата на гасен центар со 4-5 извори за напојување со гас, како и дека до ден денес нема писмено раскинување на договорот за „Јужен тек “, од руска страна со Бугарија.
Во усвоената заедничка декларација на сите кандидати за „Турски тек“, се наведува дека сите земји од регионот се заинтересирани заедно да работат за обезбедување на енергетска безбедност и за подобро снабдување со гас.
-Ова не е само витално енергетско прашање, туку и прашање од национален интерес – рече првиот вицепремиер и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на прес-конференција по средбата во Будимпешта, цитиран од Танјуг.
-Зборуваме за гас, а не за геополитичките односи меѓу ЕУ и Русија. Гасот нема цена. ЕУ е должен да ни помогне – рече Дачиќ.
Тој рече дека Србија не смее повеќе да биде жртва на геополитичките односи на Западот и Русија и српските граѓани да ја плаќаат цената.
Според неговите зборови, изразена е волјата и подготвеноста на петте земји за учество во гасни инфраструктурни проекти, кои овозможуваат стабилност на снабдувањето со гас на граѓаните и индустријата, без оглед на тоа дека досега нема сигурни извори на финансирање.
-Сакаме се да биде во согласност со европските правила и не можеме да прифатиме нашите граѓани да бидат жртви на геополитичките односи – рече српскиот министер.
-Треба заедно да градиме гасна инфраструктура, за што се важни три точки, првата е Турција, втората е Русија, а третата е Брисел, кој треба правно да го потврди овој проект, за да не се соочиме со ситуација да се појават проблеми, како што се случи со „Јужен тек“. Неспорна е желбата на нашите држави да учествуваат во целиот овој проект – рече тој.
Според руското издание „Комерсант“, во Европа се формира нова коалиција од сојузници на рускиот концерн „Газпром“.
-Ниту еден, макар и голем проект на „Газпром“, се уште не започнал во сличен нагласено политички формат. Ситуацијата се влошува од фактот дека сите членки на новиот „клуб“, вака или онака се обидуваат да водат независна од Брисел политика и по други прашања. Но Европската комисија исто така од своја страна за возврат подготвува механизми, со кои ќе ги блокира несаканите гас проекти – коментира весникот.
Според него, овие преговори за гас може да се клучна тема на средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и грчкиот премиер Алексис Ципрас.
По минатонеделните преговори на министерот за енергетика на Грција, Панајотис Лафазанис, за попуст за гасот од 2016 година натаму, со шефот на „Газпром“, Алексеј Милер, според извори на „Комерсант“, ако Грција потврди дека ќе учествува во „Турски тек“, прашањето за попуст до 10 проценти за гасот од 2016 година, практично ќе биде решен.
Ако земјите се договорат за изградбата на копнениот дел од „Турски тек“, „Газпром“ ќе може да го реши проблемот со снабдувањето со гас на Европа, заобиколувајќи ја Украина и без да прави големи промени во сегашните договори со корисниците, наведува рускиот весник.
Меѓу клучните проблеми пред новата коалиција е финансирањето на проектот. Во моментов пристапот на „Газпром“ до средства од Западот е ограничен, а европското законодавство не и дозволува на компанијата истовремено да поседува инфраструктура и да испорачува преку неа својот гас.
„Газпром“ нема да може да учествува во изградбата на новиот гасовод низ Балканот и Централна Европа од истите причини како и во случајот со „Јужен тек“, потврдува Џонатан Стерн од Оксфордскиот институт за енергетски истражувања.
Според некои информации, рускиот концерн ги разгледува можностите за создавање на европски конзорциум, кој ќе ја превземе изградбата на цевката и евентуално да обезбеди европски пари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



