Имам пријателка. Таа е млада, паметна, одговорна, талентирана и прекрасно изгледа. За жал, се чини дека сето тоа ѝ пречи да биде среќна. Затоа почна да оди на психотерапија и зема антидепресиви.
Всушност, не! Приказната не оди така! Таа не оди на психотерапија и не зема антидепресиви бидејќи е млада, паметна, одговорна и талентирана. На неа сето тоа почна да ѝ се случува кога шефот и рекол дека е луда.
Гледате, нејзиниот шеф ги класификува жените во три категории: гуски, спонзорки и лезбијки. „Гуските“ или како што тој тоа некогаш ги нарекува „маченца“ или „мјау-мјау“, е категорија жени што се неспособни да мислат сами, но знаат да се умилкуваат и да трепкаат со очињата. Тој го сака тоа.
Втората категорија се „спонзорките“, пресметани ладнокрвни предаторки, кои ништо во животот не работат, само празнат картички. Тој, исто така, го сака тоа.
„Лезбијките“ се деловни, студени сериозни жени, кои не можат да се одвлечат в кревет и не спаѓаатг во категоријата „гуски“ или „спонзорки“. Тој не ги сака, но ги трпи бидејќи често многу подобро се организирани од машките партнери во работата.
Мојата драга пријателка на прв поглед изгледа како „мјау-мјау“, но се однесува како „лезбијка“. Таа, исто така, се буни кога некој ѝ коментира за формата на градите и не поднесува какви било шеги поврзани за сексуалноста. Тоа нејзиниот шеф го збунува. Тој не може точно да процени за кој тип од неговата квалификација се работи, што значи дека не може ни да ги предвиди реакциите на таквите лица. Тогаш најлесно му е тоа лице да го вброи во „луди“.
Дали заборавив да кажам дека овој коментар ѝ го упати откако се обиде да и ги допре градите? Не сум? Не е ни важно. Тоа што е важно е дека таа сега е без работа. Даде отказ бидејќи почна да повраќа секој ден пред да појде на работа. Нејзиниот совршен живот се претвори во борба со депресија, во борба со себе, во бес и немоќ. Рече дека ќе најде работа или ќе почне свој сопствен бизнис, но дека секој пат ќе си оди од тие што ќе ја навредуваат.
Браво, девојко!
Но, потоа се прашувам – што е тоа совршено?
Имам пријател. Мојот пријател е оженет. Неговата сопруга има прекрасни сини очи, долга коса и прекрасен глас. Будали! Вие сте будали ако мислевте дека сега ќе ви раскажувам приказни за неверство, ќе ја тривијализирам љубовта, не, ох не, нема тоа да го направам! Ако тоа го очекувавте, ве молам господа, прескокнете ги овие страници и не се навраќајте…
Го прашав дали таа пред него се распукнува како зрела калинка во ноември, дали понекогаш пред него крши стаклен лампион за новогодишната елка, оставајќи ги парчињата во раце, дали солзите ѝ го уништуваат лицето со траги од шминката, дали рацете и се тресат кога е сама, дали некогаш само немо го гледа додека погледот ѝ е покриен со крик, што има таа што само тој го гледа во длабочините на нејзините зеници, дали знае дека тој е единствен човек кој толку нежно го гледа, мислејќи дека тоа нема никој да го забележи.
Дали знае дека го смета за чувар на својот мал свет, свои фотографии од совршен свет, бидејќи тој е тој кој знае колку ја повредиле, а не ја силувале, ниту пак удирале или нешто ѝ украле. Го прашав дали знае колку ја храни неговата прегратка, неговата сеприсутност од сенка, дека тоа што тој е мангуп, на неа и дозволува да биде дама, па поради тоа таа пред него да може да се стопи, да биде слаба, згрчена додека тој ја теши, милувајќи ѝ ги бедрата. Дали знае дека тие двајца се нишаат во ист ритам, дури и тогаш кога не се гледаат еден со друг.
Рече дека знае.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст